Директорот на српската владина Канцеларија за КиМ Марко Ѓуриќ на вонредна пресс конференција изјави дека Србија дошла преку свои канали до „автентичен документ“ кој Приштина го има врачено на САД и ЕУ за формирањето на Заедницата на српски општини (ЗСО). Тој изјави дека со документот „Приштина има намера да го обесмисли формирањето ЗСО и да го изигра Бриселскиот дијалог.“
Како што додаде, во документот кој е потполно автентичен и со име „Работен механизам за асоцијата на српски општини“ се наведува дека косовскиот премиер Рамуш Харадинај ќе биде надлежен за спроведувањето и формирањето на ЗСО.
– Со документот е предвидено во управувачкиот тим за неговото спроведување, од 12 членови, само 4 членови да се Срби, а мнозинството Албанци и преставници на претседателот Хашим Тачи, премиерот Рамуш Харадинај, на првиот спикер Весељи, претставници на Самоопределување, на Демократскиот сојуз на Косово…… Планот исто така предвидува формирање извесен извршен одбор со задача да им дава на српските членови проектни задачи за формирањето на ЗСО, односно да биде ментор или одбор за туторство над Србите на Косово, изјави Ѓуриќ.
Тој додаде дека документот е поделен на САД и ЕУ како официјален акт и според тоа, Србија очекува адекватна реакција, обвинувајќи ја притоа меѓународната заедница за „лицемерие и пасивност“ поради тоа што пет години ништо нема направено за ЗСО.
– Србите ќе работат на ЗСО онака како е предвидено со договорот, порача Ѓуриќ.
Тој потврди дека вечерва ќе патува за Косово, на полноќната Велингденска литургија во манастирот Бањска, за што има добиено одобрување од Приштина.