Србија отвори ново поглавје во пристапните преговори со ЕУ

by fokus

На меѓувладина конференција во Брисел, Србија вечерва во пристапните преговори со Европската Унија го отвори поглавјето 4, што се однесува на слободата на движење на капиталот.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, ова е второ поглавје што Србија го отвора годинава, по поглавјето девет за финансиски услуги отворено во јуни.

Во техничка смисла, Србија имаше подготвено уште три поглавја за отворање – поглавјето 2 за слободно движење на работниците, поглавјето 21 за трансевропски мрежи и 14. за транспортна политика, но политички договор меѓу земјите-членки беше постигнат само за поглавје 4.

Со тоа Србија досега има отворено 18 од 35. поглавја, од кои две се затворени.

Финската министерка за европски прашања Тути Тупураинен, чија земја претседава со ЕУ, оцени дека проширувањето на ЕУ преставува стратешка инвестиција за мирот, стабилноста и развојот на Европа.

Тупураинен истакна дека отворањето на ова поглавје со Србија е силен и позитивен сигнал за целиот Западен Балкан.

Српската делегација на Меѓувладината конференција во Брисел ја предводеше министерката за евроинтеграции Јадранка Јоксимовиќ.

– Отворањето на ова поглавје покажува дека Србија не стои во место и без оглед на атмосферата, која во последно време не беше во прилог на политиката за проширување, сепак оваа политика постои. Таа има свои подеми и падови, но со отворањето на ова поглавје покажуваме дека политиката на проширување е жива, изјави Јоксимовиќ.

Поврзани новости