Србија набавува два милиони дози од вакцината „спутник V“

by Fokus

Рускиот фонд за директни инвестиции и владата на Србија се договорија за испорака на 2 милиони дози вакцини против коронавирусот „спутник V“, објавено е на официјалната интернет-страница на вакцината, пренесува „Вечерње новости“.

-Рускиот фонд за директни инвестиции и владата на Србија објавија договор за испорака на 2 милиони дози на вакцината ‘спутник V’ во земјата, која е прва регистрирана вакцина во светот против коронавирусот. Вакцинацијата на населението против коронавирусот со вакцината ‘спутник V’ во Србија започна денес, се наведува во соопштението.

Првата пратка вакцини беше доставена во Србија на 30 декември 2020 година. Вакцината е одобрена во земјата без понатамошни клинички испитувања. Договорот меѓу Рускиот фонд и владата на Србија ќе овозможи вакцинирање на еден милион луѓе (вакцината се состои од две дози).

Испораките на „спутник V“ ќе ѝ овозможат на Србија да го диверзифицира своето портфолио на вакцини против коронавирусот. Вакцините што треба да бидат испорачани во Србија ќе ги произведуваат меѓународните партнери на Рускиот фонд во Индија, Кина, Јужна Кореја и други земји, се нагласува во соопштението.

-Русија и Србија се поврзани со долгорочно партнерство и ние ја поддржуваме одлуката на владата да ја користи вакцината ‘спутник V’ за борба против коронавирусот. Вакцината е заснована на добро проучена платформа на аденовирусни вектори кај луѓето, што е докажано безбедно“, вели директорот на Фондот, Кирил Дмитријев.

Вакцината „спутник V“, која е произведена од Институтот за научно истражување „Гамалеја“ во соработка со Рускиот фонд за директни инвестиции, на 11 август доби потврда за регистрација од руското Министерство за здравство, со што стана првата регистрирана вакцина против коронавирусот во светот. Вакцината се базира на проучена и тестирана платформа на аденовирусни вектори кај луѓето, чии важни предности се безбедноста, ефикасноста и отсуството на долгорочни несакани ефекти.

 

Поврзани новости