Србија ќе набави уште 2,4 милиони дози вакцини

by fokus

Српскиот министер за здравство Златибор Лончар потврди дека денеска е потпишана промена на договорот, односно нов договор со американско-германската компанија Фајзер/Бионтек, според кој на Србија во вториот квартал од годината ќе и бидат доставени 1,2 милиони дози вакцини против коронавирус и уште 1,19 милиони во третиот квартал или вкупно 2.390.000 дози, јави дописникот на МИА од Белград.

-Тоа е огромен успех за граѓаните на Србија, ние направивме нешто за што повеќето во светот можат само да сонуваат, изјави министерот за РТС.

Лончар додаде дека на денешната средба со министерот за здравство на Република Српска, Ален Чераниќ, било договорено да се продолжи со вакцинирањето на медицински работници од РС во Србија.

-Денеска е трет ден како во Шабац, Лозница, Сремска Митровица и делумно во Белград се вакцинираат здравствените работници од РС. Се приближуваме до бројката од 5.000 вакцинирани и се договоривме за понатамошно вакцинирање на медицинските работници од приватни установи и вработените во домовите за стари лица, кажа Лончар.

Поврзани новости