Сплотени струмичани собраа 111.460 денари за Нина!

by fokus

Денес во Струмица, на хуманитарниот настан ,,Да трчаме заедно за Нина” хумани и сплотени струмичани успеале да соберат 111.460 денари за помош во лекувањето на нивната мала сограѓанка.

Веста дека се собрани околу 2.000 евра за само еден час ја потврдија и организаторите на настанот, здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром – Вера.

Хуманитарната трка започна на плоштадот Гоце Делчев во 12 часот, се трчаше низ струмичкото корзо, големиот парк, се до спортската сала Парк, односно до игротеката ,,Play”, каде Нина ги пречека учесниците. Сите кои учествуваа на трката, донираа по 100 денари.

Настанот предизвика голем интерес кај јавноста, и уште пред неколку дена своето учество го потврдија голем број на компании, здруженија, спортски клубови, училишта, градинки, но и на политички партии. Токму поради најавеното учество на Унија на жени на ВМРО – ДПМНЕ Струмица и Форум на жени на ОО СДСМ Струмица, организаторите апелираа до учесниците да немаат никакви партиски одбележја на својата гардероба, бидејќи се работи за хуманитарен настан, на кој ќе се приклучат многу деца.

Семејството на Нина Димитриевска, за чие лекување се потребни 65.000 евра се заблагодари на сите кои се вклучија во настанот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости