Спиро Ристовски барал локација во Сарај за изградба на станови за бегалците

by fokus

Поранешниот министер, Спиро Ристовки, додека бил на чело на Министерството за труд и социјална политика побарал од Општина Сарај градежна парцела за изградба на станови за сместување бегалци и социјално загрозени лица, проект финансиран од ИПА фондовите, тврдат од Министерството.

Барањето за согласност до Општината Сарај е испратено во мај 2012 година, според документите што ги објави Министерството на Мила Царовска. Од Министерството наведуваат дека од овие причини барањето на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за интерепелација на Царовска е небулозно.

„Сметаме дека неодговорното ширење страв и лаги во јавноста е само одраз на  дволична политика на ВМРО ДПМНЕ, а обвинувањата до сегашното раководство на МТСП се крајно неосновани. Децидно изјавуваме дека од ниту една општина не е побарана предлог локација за изградба на станови. Но такво нешто побарала претходната власт, предводена од ВМРО ДПМНЕ“, велат од Министерството.

Од таму додаваат дека „Стратегијата за интеграција на бегалци и странци 2017-2027 година“ е се уште во форма на предлог текст.

„Наспроти тврдењата дека граѓаните не се консултирани за         ,Предлог Стратегијата потенцираме дека Министерството, за разлика од претходната Стратегија усвоена од Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ,  овојпат јавно го објави на сајтот на МТСП предлог текстот и нацртот на акциониот план за Стратегијата. Беше објавен и формулар за предлози и сугестии за текстот на документот, со рок на доставување до 8 август 2017 година. До вчера пристигнаа мислења од неколку организации и тие ќе бидат разгледувани на јавна работилница која ќе се одржи во текот на идната недела, а на која ќе бидат поканети сите заинтересирани страни“, стои во соопштението.

Поврзани новости