Спинози и блефери

by Fokus

Пишува: Татјана Алексиќ

Во недостиг од морална и политичка култура, спинувањето не се  доживува како нешто спорно и недолично, туку како трендовска пропаганда за утилитарни цели, во духот на Макијавели. До пред некоја година, спинот се протнуваше низ „иглени уши“, многумина и не знаеја што значи и за што служи спинувањето. Сега се усовршивме, имаме доктори по спин вештини, „Спинози“ за ширење лажни вести.

Таквата „блеферска“ вештина не е за потценување, неа не може да ја поседуваат неинвентивни ликови без раскошна мечта. Но, еден таков перфиден играч без автоцензура може да ја изигра јавноста и да се поигра со нејзиниот недостиг од критичко  мислење.

Неодамна на фејсбук-профилите, со „мега – гига“ брзина, се прошири веста за замена на именките „мајка“ и „татко“ со „родител 1“ и „родител2“ во училиштата низ Франција, откако бил усвоен амандманот во францускиот парламент за укинување на дискриминаторски однос кон истополните родители.

Времето ќе покаже дали ,,бурата во чаша вода“ во францускиот парламент била случајна, спинувана или е уште една од низата барања на ,,маргинализираните“ за бескрајна толерантност кога се во прашање нивните потреби. Се измајтапивме  на ФБ корзото,  прошетаа шеговити, патетични, рекламни, но и заканувачки коментари, кои траеја колку и вистината за истите.

Но, затоа веднаш се пуштаат нови спинови, ни стана интересна анализата како луѓето реагираат на „блефови“. Ние како навистина да немаме попаметна работа, а, сепак, некој профитира од тоа.

Блеферскиот прирачник „Блеф“ на Питер Гамонд, дава објаснување на самиот поим „блефирање“, а во комбинација со делото „Преваралогијата“ на Алан Хенкинс, може да ги протолкуваме современите феномени за градење кариера на блеферска база.

Таквите алатки за успех се во експанзија низ светот, а електронските медиуми податливи за реализирање на принципот „со лага до вистина“  во сите општествени сфери, од мода до политика.

Во систем на владеење без идеологија, со висок коефициент на неопределеност, поделеност и антагонизам, во ништожноста на една заедница без личен, но и колективен идентитет и инстант политика, со леснотија на површност непроверено се прифаќаат сервирани информации, за да се изразат затекнатите емоции.

Во недостиг на емоционална интелигенција, долговременско акумулирање горчина, гнев и омраза, често читаме и слушаме навредливи зборови од кои поцрвенува од срам софтверот на секој компјутер, за разлика од човековата бесрамност. Крајно време е Марк Цукерберг  да не одлогира од ФБ комуникацијата и да нѐ прати на колективна терапија.

Наместо слободен и креативен истражувачки дух, бестијално се општи со животински инстинкт за опстанок на бескруполозните кои се накотија. Изместените вредности инвазивно влегуваат без да „тропнат на врата“, а на навредливите зборови, исто како и на  спиновите, им се навикнуваш и ги читаш како училишна лектира.
Прагматска пристрасност, сиромашна автоцензура и  медиумската таблоидизација на блеф ги заменија стандардите на веродостојни информации и слободоумни јавни дебати поткрепени со факти. Секако, ова  не важи за сите, има и читачи кои разбираат читајќи и меѓу редови.

Во романот  „Читачот“ на Бенхард Шлинк, интуитивниот читач нема да препознае само забранета љубов меѓу петнаесетгодишник и триесетгодишна жена, туку и приказна за неповратниот срам на Германците поради воените злосторства.
Историски личности како барон Минхаузен, книжевни ликови како Тартиф на Молиер и Ревизор на Гогољ, во споредба со современите патолошки лажговци, манипулатори и предатори, наивни се колку и Пинокио. За разлика од Пинокио, кому му расте носот дур лаже, на Спинозите им расте банкарската сметка, па нели целта ги оправдува средствата.

Спиновите внесуваат динамика во лагите и измамите, сестрински цврсто поврзани би си го продале и братот за сирење. Спин-докторите, Спинози или спинотворци се интелигентни и вешти манипулатори, кои наоѓаат плодна почва за сеење лаги, а на македонската плодна и благородна земја веднаш никнува сѐ што ќе посееш.

 

Поврзани новости