Специјалното обвинителство ја „зариба” машинеријата на Груевизмот

by Фокус

Пишува: Ида ПРОТУГЕР ВЕЉКОВИЌ

Неколку настани во низа од минатата недела ги покажаа првите ефекти од поддршката на меѓународниот фактор за враќање на демократијата во земјава. Настапот на опозицискиот лидер и партискиот потпретседател на телевизиски куќи кои се мегафони на власта и прес конференцијата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Овие први ефекти од Пржинскиот договор како прозорчиња на демократијата почнаа да внесуваат светлина во мрачниот амбиент на окупираната држава.

Два елемента се клучни во востоличувањето на Груевизмот. Првиот е буџетот, односно јавните пари кои цела деценија се главниот инструмент за масовна корупција со единствена цел – опстојување на Груевски и малата група околу него на власт.

Вториот елемент е човечкиот “материјал” што е впрегнат во машинеријата на Груевизмот, инсталиран во сите институции и медиуми за да испорача “производ” исто така со иста цел – богатење и одржување на мафијашко – авторитарната врхушка на власт. Не би сакала да генерализирам, но машинеријата на Груевизмот главно е составена од два типа на луѓе: корумпирани со пари и корумпирани со функции. Корумпираните со функции се луѓе кои во демократски амбиент, односно поле за фер натпревар каде капацитетот и способноста на личноста го одредуваат нивното професионално место, не би можеле ни да сонуваат да се најдат на одговорна позиција која бара да се носат квалитетни одлуки.

Третата група се уценети, заплашени и граѓани отруени од пропагандата кои помагаат со својот глас малата мафијашка група од ДПМНЕ да се одржи на власт, но тие се корумпираат и заплашуваат пред избори и не се сигурен адут на кој типува Груевизмот.

И двата типа на луѓе кои се шрафови во машинеријата на Груевизмот, потребно е да се ослободени од секаков персоналитет и индивидуалност, впрочем униформираноста на жените на ДПМНЕ е само еден од примерите каде тоа е воочливо. Се покажа дека овие “шрафови” функционираат одлично кога сите погони се под строга контрола на центарот за управување.

Но, на кој било неконтролиран потег кога треба да покажат самостоен капацитет, трокираат. Тоа е така затоа што луѓето без интегритет и со слаб умствен капацитет се човечкиот материјал што ја движи машинеријата на Груевизмот. Фабричката маана на оваа машинерија составена од шрафчиња ослободени од персоналитет е што со пробив на макар едно прозорче на демократијата кое нуди фер поле за судир на концепти, дебата или стручност, таа почнува да зарибува.

Од друга страна, интелигенцијата и интегритетот се двете човечки особини кои се главна закана за Груевизмот и се сечат во корен, во секоја институција или медиумска компанија што е потребна за “раст и развој” на режимот. Постои политика на еднодецениски прогон на вистинскиот квалитетен човечки потенцијал во Македонија каде ако некој не најде начин да избега од земјата, е осуден да делува на маргините на општеството или е етикетиран дека е предавник, соросоид и сл.

Многумина од слугите на Груевизмот како аргумент за сопствената продаденост велат дека исто било порано само други актери биле корумпирани од тогашната СДСМ. Вистина е дека имало такви примери и порано и дека не сме посведочиле за вистински демократски амбиент од осамостојувањето наваму (иронично, но ми се чини дека во социјалистички режим сме сведочеле на многу пофер поле за натпревар на идеи и знаење одошто кога било потоа).

Но најмногу вистина е дека никогаш не се случил таков инженеринг на целосно инсталирање на свои кадри во секоја општествена пора и окупација на сите државни институции и ресурси како сега. Примерите од минатото никако не можат да бидат оправдување за нивно повампирување денес. Така што не, драги сограѓани, никогаш не било вака и тоа не ја оправдува вашата корупција и аргументи кои веројатно ви користат за побезболно да ги погледнете во очи најблиските по сопственото проституирање.

ГРУЕВСКИ – ЖРТВА НА ЛОШИОТ ЧОВЕЧКИ “МАТЕРИЈАЛ” ШТО ГО СОЗДАДЕ

Нејсе. Го делам впечатокот на Никола Гелевски, дека “цело време човек има впечаток дека станува збор за некаква грешка, збунка, дека кај и да е работите ќе се вратат во нормала, дека просто не е можно нешто толку лудо и искривено да трае повеќе од 24 часа, а трае веќе една деценија”. Машината брефта, секој си го знае местото и задачата за да се креира оваа “ненормалност”.

Но еве, кога само едно демократско стапче ќе се стави во запчаникот, Груевизмот трокира. Тоа прво го покажа настапот на Шекеринска во Канал 5, каде уредничката која пред таа позиција и надвор од времето на Груевизмот беше анонимус во новинарските кругови требаше да покаже вистински капацитет да води интервју, освен да репродуцира вести креирани во партиски штаб. И тука “зариба” бидејќи не бил капацитетот тој што ја донел на таа функција. Верувам дека ако судијката која донесе срамна одлука по основ на барањето на СЈО, на јавна сцена се соочеше со обвинителката Фатиме Фетаи, ќе поминеше и полошо од Богатинова со Шекеринска.

Освен немањето капацитет, уште една “порозност” има човечкиот “материјал” врз кој се темели Груевизмот. Луѓето без интегритет кои се согласуваат да бидат нечии слуги, обично тоа со задоволство го прават ако знаат сигурно дека ќе имаат финансиски надомест за тоа и ако знаат дека “газдата” е моќен да ги држи на функција. Така што до крај, судиите, новинарите и сличните слуги ќе го бранат Груевски и неговите, затоа што во фер и демократски амбиент, ќе дојде до израз нивниот слаб капацитет.

Но, ако видат дека Груевски ја губи моќта, многумина, научени да бидат слуги, ќе бараат нов “господар” и ќе почнат да се додворуваат на “друга” страна и ќе престанат безрезервно да го поддржуваат. Исто и оние кои ќе видат дека секнуваат парите со кои досега била купувана нивната лојалност. Токму од тоа се плаши Груевски и од петни

жили се обидува да ја одржи неговата аура на најмоќна фигура затоа што сфаќа дека во спротивно, ќе стане жртва на лошиот човечки “материјал” што самиот го одбра и го одржуваше на власт една деценија.

Појавувањето на СЈО, на Јанева, Фетаи, Ристоска и останатите е голема надеж во таа насока. Прво овие храбри жени го покажаа лицето на вистинскиот квалитет на она што се нарекува човечки ресурси на една земја. Интегритет, интелигенција, храброст, стручност. Она од што Груевизмот се плаши како ѓавол од крст. Тие покажаа дека обвинител, тоа може и така гордо да звучи! Сите се прашуваат деновиве каде ли биле овие жени? Тие биле во институциите, се разбира маргинализирани и омаловажувани. Не си заминале сите од Македонија и тоа ја охрабрува демократската јавност.

Верувам дека судската одлука и за нив не била изненадување, но сега судството ќе биде на јавна сцена соочено со аргументи и факти многу повеќе одошто можат корумпираните судии да смислуваат образложенија за амнестија на криминалците. Судиите сега имаат доволно “минат труд” на спроведување нарачани одлуки за притвори, апсења и пресуди што сега тие примери се “лајтмотив” за споредби со сегашното поведение.

Само жената што ја притворија во “Пајажина” и која го загуби нероденото бебе е доволен пример за суровоста на таквите нарачки наспроти сегашното “разгалување” на осомничените во “Титаник”. А такви примери има безброј. Таквите судии само покажуваат колку е голема потребата од едно големо “проветрување” на институциите од неквалитетниот човечки материјал кој што ја креира “ненормалноста” и цивилизациски не уназадува.

Со се повеќе прозорчиња на демократијата, слугите на Груевизмот ќе се однесуваат како вампири на дневна светлина, а ќе се намалува темниот простор каде можат да виреат и да се кријат. Има надеж!

Поврзани новости