Специјалното обвинителство го побара досието „Пуч“

by Фокус

Специјалното јавно обвинителство преку својата ФБ страница извести дека од неколку обвинителства низ државата побарало да им се достават материјали за одредени предмети кои ќе се истражуваат. Во нивниот напис се наведува:

-Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуиникациите ја известува јавноста дека извршена е анализа на доставените податоци од страна на Јавното обвинителство на Република Македонија и изготвен е план за динамика на барање на предметите. Во планот е утврдена временската рамка во која ќе бидат упатувани барања за доставување на предметите во ова Обвинителство, која не надминува 15 дена помеѓшу две упатени барања. Планот воедно опфаќа и листа на предмети кои ќе бидат побарани. При одлучување околу фактот кои предмети првично ќе бидат побарани од обвинителствата земена е предвид итноста на предметите, фазата во која предметите се наоѓаат предметите, како и обемноста на истите.

Во насока на реализација на планот, до надлежните обвинителства упатени се барања за доставување на предметите.

До Oсновното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесено е барање за доставување на предметот заведен под РО бр.90/15, а оформен по поднесена кривична пријава од СДСМ против лицето С.М. за кривично дело – Примање поткуп од чл.357 ст.5 во врска со ст.1 од Кривичниот законик и кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, против С.К. за кривично дело – Примање поткуп од чл.357 ст.5 во врска со чл.24 од Кривичниот законик и кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 ст.5 во врска со ст.1 во врска со чл.24 од Кривичниот законик и Х.Х. за кривично дело – Давање поткуп од чл.358 ст.1 од Кривичниот законик, како и предметот заведен под КО бр.25/15 (познат како Пуч).

До Основното јавно обвинителство Скопје поднесено е барање за доставување на предметот заведен под РО бр.770/15, оформен по поднесена кривична пријава од СДСМ против Н.Г., Г.Ј., М.Ј. и против НН лица, вработени во Министерството за внатрешни работи за кривично дело – Фалсификување исправа од чл.378 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик и кривично дело – Повреда на избирачкото право од чл.159 ст.2 од Кривичниот законик.

До Основното јавно обвинителство Битола поднесено е барање за доставување на предметот заведен под КО бр.636/15, против В.Т. и С.Б. за кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од чл.353 од Кривичниот законик.

До Основното јавно обвинителство Куманово поднесено е барање за доставување на предметот заведен под КО бр353/15, оформен по поднесена кривична пријава од физичко лице, против НН лице – одговорно лице за комуникации во мобилен оператор и против правно лице за кривично дело – Неовластено прислушување и тонско снимање чл.151 ст.1 и ст.6 од Кривичниот законик.

По добивање на предметите од обвинителствата, очекуваме првите одлуки за надлежноста на ова Обвинителство да бидат донесени во законски предвидените рокови, кои не надминуваат 16 дена од упатеното барање за доставување на предметите. Имено обвинителствата од кои се побарани предметите имаат рок од 8 дена да ги достават истите, а потоа ова Обвинителство во рок од 8 дена треба да донесе одлука за надлежноста.

Како што јавноста е веќе информирана ова Јавно обвинителство закупи простории кои ќе ги користи како работни простории се до целосно функционално уредување на просториите каде претходно се наоѓаше Агенцијата за млади и спорт, а во насока на задоволување на безбедносните стандарди за ваков вид на обвинителство. Новите работни простории можат да се користат и за сослушување на сведоци и осомничени лица, а воедно организацијата и пристапот до истите овозможува и зачувување на идентитетот на лицата кои ќе бидат повикани на разговор во обвинителството, како и лицата кои поседуваат релевантни информации, а инсистираат на зачувување на нивниот идентитет. Тука би сакале да укажеме дека целта на обвинителството е спроведување на независни истраги во рамки на кои ќе бидат заштитени и гарантирани правата на сите учесници во постапката, како од аспект на нивна безбедност, така и од аспект на обезбедување на сите процесни права.

Имајќи го предвид фактот дека ова Обвинителство работи со сензибилни информации, сметаме дека ќе наидеме на разбирање од јавноста и медиумите кога одредени информации нема да бидат соопштени. Имено, согласно Законот за кривична постапка предистражната постапка е тајна и сите информации кои би биле од значење за успешно водење на постапката нема да бидат соопштувани. Ова може да подразбира и несоопштување на фактот против кого се отворени предистражни постапки и под кои сомненија, а врз основа на анализата на незаконски прислушкуваните материјали. Секако, првичниот момент кога ќе бидат обезбедени доказите и кога ќе се создадат услови за информирање на јавноста, доследно почитувајќи го начелото на транспарентност јавноста ќе биде благовремено известена. Во оваа насока појаснуваме дека воопшто нема да бидат соопштувани податоци дали одредени лица побарале статус на заштитени сведоци, од причина што, имајќи ја предвид јавната покриеност на настаните кои ова Јавно обвинителство ги разгледува, постои опасност од обесхрабрување на ваквите лица да пристапат кон ова Јавно обвинитлество и да помогнат во истрагите.

Поврзани новости