Специјалните јавни обвинители ја отфрлија милоста на Иванов

by Фокус

Специјалните обвинители Лиле Стефанова, Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски со одвоени писма до претседателот Ѓорге Иванов бараат да донесе одлука со која ќе ја стави надвор од правна сила одлуката за нивно помилување, односно ослободување од гонење без спроведување на постапка. Тие му пишуваат на Иванов дека ја темелел ваквата одлука без законски основ, бидејќи, според нив, основен услов да ослободи лице од кривично гонење е против истото тоа лице да се води кривична  постапка, додека против сите тројца обвинители не е покрената никаква кривична постапка.

„Јас како јавен обвинител треба да бидам пример за правичност и затоа инсистирам да одговарам за моите постапки, како што и ќе инсистирам секој да одговара за своите, без исклучок. Ова последното е потсетување дека не сум од класата на Вашите „политичари“ на кои несебично им ја поделивте Вашата „милостина“, со цел и на начин разбирлив само Вам, преку неказнување на потенцијалните извршители на тешки кривични дела, да стимулирате социјална катарза и да постигнете благосостојба во општеството на подолг рок. Видливо е дека ќе ја постигнете целта која ја најавивте, само во обратна смисла“, пишува во писмото обвинителката Фетаи.

Обвинителката Стефанова, пак, му напишала на Иванов дека ослободувањето од кривично гонење само поради тоа што се политичари или јавни обвинители во никој случај не може да биде оправдано, а најмалку под изговор за високи државни интереси.

„Кривичната пријава на која Вие се повикувате во актот за моето помилување е вешто направена конструкција со цел да се наштети на мојот личен и професионален углед и на угледот на Обвинителството во кое сум вработена, а се со цел да се влијае на постапката во која беа осомничени поранешни министри и  сегашни функционери во владата“, пишува таа.

И обвинителот Бубевски ја отфлри милоста од Иванов.

Поврзани новости