Спасовски за утрешниот настан: Без транспаренти и туѓи знамиња

by Fokus

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во вестите на Канал 5 изјави дека сите најавени делегации кои сакаат да се поклонат пред гробот на Гоце Делчев ќе им биде овозможено, притоа тој повика на достоинствено чествување на 4 февруари, денот на раѓањето на великанот Гоце Делчев.

„Многу е важно да имаме чествување достојно на ликот и делото на Гоце Делчев, во таа функција ги преземаме сите оперативни активности кои ќе придонесат да имаме мирно и достоинствено чествување, да се заштити јавната безбедност, јавниот ред и мир. Тоа е функција на МВР, апсолутно сметаме дека непотребно во изминатиот период се креваа тензиите поврзани со случајот во Охрид кои не придонесуваат ништо добро во подобрување на односите, напротив сметам дека подигањето на тензиите само дополнително ќе ни ги влошува односите. Во тој дел пред се ликот и делото на еден великан каков што е Гоце Делчев треба да се чествува на еден достоинствен начин, впрочем како што ни доликува на нас граѓаните на Македонија.

Во однос на тоа кој може да има пристап до гробот на Гоце Делчев кај црквата Св. Спас, министерот Спасовски нагласи:

„Ние објавивме податок преку Одборот којшто ова го организира сите кои најавија делегации кои сакаат да се поклонат на гробот на Гоце Делчев ќе им се овозможи тоа да го сторат. Во овој дел јасен е ставот кој го имаме”, рече министерот Спасовски, додавајќи дека со ниту една постапка не смее да се дозволи навредување на македонскиот народ и држава или на нарушување на чувствата на македонските граѓани.

„Затоа се воспоставени мерките на обезбедување. Затоа ќе имаме и воспоставено ред, тоа е многу важно, да преку воспоставување на таков ред не се дозволи да има било каков инцидент кој ќе биде во функција на остварување на целите на радикалните структури кои делуваат. Напротив сметам дека сите ние имаме дел од одговорноста, сето ова да помине во најдобар можен ред. Ниту еден кој ќе помисли на било кој начин со транспаренти или знамиња на туѓи држави да го навреди македонската држава и македонскиот народ, тоа нема да можат да го сторат и за тоа ќе носат последици”, рече министерот Спасовски.

Поврзани новости