Спасовски: Велигден го минуваме во изолација, се соочуваме со непознат и моќен непријател

by Фокус

Премиерот Оливер Спасовски во видео-честитката по повод Велигден до припадниците на православната верска заедница истакнува дека оваа година еден од најсветлите празници ги минуваме во изолација како подвиг на, како што рече, секој од нас пред искушенијата кои на светско ниво ги донесе оваа пандемијата и здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид 19.

-Велигден е празник, кој го означува крајот на патувањето низ страдањата Христови и со кој ја славиме победата над смртта. Неретко се поставувало прашањето „Зошто Синот Божји дозволил да биде погубен и распнат?“. Но, токму воскресението и победата над смртта е Христовиот одговор на ова прашање како потврда за љубовта кон човекот. Затоа од нас годинава се очекува да ја совладаме нашата себичност, да понесеме саможртва за доброто на сите и овие денови да ги славиме во кругот на домот за да се заштитиме себеси и ближните. Во мирот и спокојството на домот да победи животот и да преминеме во нова иднина“, се вели во честитката на Спасовски.

Тој посочува дека празникот во себе носи и солидарност со другите. За да се справиме со овие предизвици и да ги ублажиме последиците, според него, неопходни се токму сочувство и солидарност од секој еден од нас.

-Велигден е и празник на надежта. Годинава се соочуваме со непознат и моќен непријател, кој ги искушува нашиот и животите на нашите блиски. Но, верувам дека од празникот со кој го славиме спасението сите ќе излеземе посилни и подобри. Во овие мигови на искушенија нека Божјиот благослов, преку празникот, ни даде добро здравје и духовна сила. Христос воскресна! Навистина воскресна! Останете дома, порачува премиерот Спасовски во честитката по повод Велигден.

Поврзани новости