Спасовски: СЈО ги проверува двојните идентитети на Грујевски и уште неколку лица

by fokus

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека во Специјалното јавно обвинителство се води постапка за двојниот идентитет што го има поранешниот началник на Петтата управа, Горан Грујевски, но и за уште неколку лица. Грујевски и неговиот колега Никола Бошковски, повеќе од еден месец се во бегство како обвинети во предметите „Таргет“ и „Тврдина“ на СЈО. Спасовски вели дека МВР се уште работи на нивно пронаоѓање и лоцирање.

-Трагаме на локациите кои ги имаме добиено како информација. Со оглед на истрагата и постапките не може да излегуваме со детали. Сите информации што ги имаме заедно со Специјалното јавно обвинителство коешто е надлежно за овој случај и сите можни детали може да ги добиете и од нив, но работиме овие лица да им ги обезбедиме на органите на прогонот и да се продолжи со постапката којашто е започната против Грујовски и Бошковски – рече Министерот.

Во врска со двојните идентитети тој додаде дека не може да ги сподели со јавоста информациите до кои дошле во соработка со СЈО. На прашањето дали Грујевски има двојно државјанство, тој рече дека нема такви сознанија.

Во врска со аферата за прислушување на српски владини функционери од страна на македонските разузнавачки служби, што официјален Белград ја наведе како причина за повлекување на дипломатскиот персонал, Спасовски ги демантираше таквите тврдења.

-За случајот со Амбасадата на Србија во Скопје, можам да кажам дека УБК нема преземено никакви работи кои се против било која држава или било која амбасада во Македонија. Во тој дел немаме апсолутно никакви активности кои би ги компромитирале УБК и МВР – нагласи министерот.

Поврзани новости