Спасовски се сретна со Столтенберг во Брисел

by fokus

Премиерот Оливер Спасовски, во рамките на дводевната посета на Брисел, денеска оствари средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг. На оваа средба Столтенберг, на гостите им ги покажа местата каде што се планира да бидат поставени обележјата, знамето и плочката со името на Република Северна Македонија, на свечената церемонија за прием во полноправно членство во алијансата, информираат од прес центарот на Владата.

Премиерот Спасовски на средбата, на која присуствуваше и заменик претседателот во Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи, како што се вели во соопштението на Владата, се заблагодари за средбата и за поддршката што НАТО, нејзините земји членки, и посебно генералниот секретар Столтенберг ја даваа за цело време во периодот на пристапувањето на Северна Македонија во членство во северно-атлантскиот сојуз.

Спасовски на средбата потенцираше дека земјата е во постојано имплементирање на реформите и дека во таа насока е и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство во Собранието, со што се создадени сите предуслови за борба против организираниот криминал и високата корупција, како стратешка определба за владеење на правото.

– Северна Македонија останува на ставот за целосно исполнување на обврските од договорите со Грција и Бугарија и во одржувањето и унапредувањето на добрососедските односи, како и на поддршката на соседните земји кои имаат исти цели како и нашата земја – членство во НАТО и ЕУ”, информираат од Владата.

Премиерот Спасовски, на оваа средба исто така наведе дека Северна Македонија ги усвои Законот за одбрана и Законот за служба во армијата со што се комплетирани обврските на нашата земја за исполнување на обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО.

Тој уште дополник дека граѓаните на Северна Македонија наскоро ќе дочекаат и добра вест од институциите на ЕУ за почеток на преговорите за членство во унијата.

Генералниот секретар Јен Столтенберг од своја страна ја честиташе ратификацијата на Северноатлантскиот договор во Собранието на Република Северна Македонија, и нагласи дека во НАТО се подготвуваат за церемонијата за прием на земјата во алијансата со што ќе се заокружи процесот како резултат на исполнетите критериуми и стандарди на Северна Македонија за членка на Северноатлантскиот сојуз кои понатаму само ќе се унапредуваат.

Поврзани новости