Спасовски: Се проверува поврзаност на агенција за обезбедување со убиството на Јанушев

by fokus

Во 28-годишниот Мартин Јанушев пукал еден напаѓач, по што избегал. На полицијата му е познат неговиот идентитет и по него интензивно се трага, рече министерот Оливер Спасовски, на денешниот брифинг со новинарите. Според шпекулациите во јавноста, убиецот се крие во Србија, но министерот Спасовски рече дека сомнежот е дека сепак е во државата.

Тој истакна дека според првичните сознанија, убиениот и убиецот имале лични недоразбирања.

-Во СВР Скопје е формиран посебен штаб кој работи на расветлување на настанот. Имаме голем напредок и работиме заедно и по налог на јавното обвинителство. Обезбедени се сведоци и распрашани се многу луѓе. Исто така обезбедени се снимки од околните објекти. Се работи за едно лице кое го извршило убиството. Првичните сознанија се дека имале лично недоразбирање, рече министерот Спасовски.

Министерот не сакаше да открие повеќе детали за случајот, за да не се наруши истрагата, но додаде дека на местото на настанот е најдено и оружјето. Тој не одговори и дали зад убиството стои и нарачател. Сепак одговори на новинарско прашање дека во моментот се проверува и работата на една агенција за обезбедување, која според некои шпекулации се поврзува со убиството.

-Се прават проверки и на агенцијата за да се види дали има поврзаност со убиството, истакна Спасовски, кој додаде дека се вршат сериозни проверки на сите агенции за обезбедување.

Тој додаде дека од јули до сега се извршени 12 убиства, од кои само две не се расчистени.

В.В.

 

Поврзани новости