Спасовски се пофали: Издадени 15.978 патни исправи на наши граѓани во странство

by Fokus

Издадени 15.978 патни исправи на наши граѓани во странство и зголемен број барања за издавање на лични документи во 2022 споредбено со претходните години, објави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на неговиот фејсбук профил.

Тој информира дека само во текот на јуни, јули и август годинава поднесени се вкупно 91.138 барања за издавање на лична карта и 148.115 барања за издавање на патни исправи.

Според него, евидентна е големата разлика од бројот на барања поднесени во 2017, 2018, 2019.

Во 2017 (јуни,јули и август) се поднесени вкупно 40.110 барања за издавање на лична карта и 103.347 барања за издавање на патни исправи. Во 2018 (јуни,јули и август) се поднесени вкупно 58.977 барања за издавање на лична карта и 107.126 барања за издавање на патни исправи. Во 2019 (јуни,јули и август), пишува Спасовски, се поднесени вкупно 60.244 барања за издавање на лична карта и 124.263 барања за издавање на патни исправи.

– Големата разлика на бројот на поднесени барања во 2017, 2018, 2019 во споредба со тековната 2022 се должи на поставувањето на новите базни и мобилни станици во странство, во амбасадите и генералните конзулати, почнувајќи од 01.10.2021 година, и до 20.09.2022 година на 15.978 наши граѓани им помогнавме во издавањето на патни исправи, напиша на фејсбук министерот за внатрешни работи.

Со проектот за базни и мобилни станици, нагласува, го решивме деценискиот проблем на нашите граѓани од дијаспората – услугата за издавање патни исправи се олеснува и скратува, а се избегнуваат и гужвите на шалтерите на Управните служби.

– Исто така, со дигиталната трансформација на процесите на МВР, граѓаните имаат можност да закажат термин за сликање за лични документи преку termin.mvr.gov.mk или uslugi.gov.mk.
Грижата за секој еден наш граѓанин продолжува, согласно нашето мото – МВР ЗА ГРАЃАНИТЕ, објави Спасовски.

Поврзани новости