Спасовски: Мораме да ја вратиме довербата во институциите

by Фокус

Во изминатиот период почнавме да ги разобличуваме криминалите на Никола Груевски и „фамилијата“, но мораме да ја вратиме довербата во институциите на државата, порача генералниот секретар на СДСМ Оливер Спасовски, кој воедно е министер за внатрешни работи.

– Мораме да ја вратиме државата назад на граѓаните, да ја вратиме вербата во судството, во полицијата за повторно граѓаните да живееат слободно, да се чувствуват сигурно во сопствената држава – рече Спасовски.

Тој денеска беше во посета на Кавадарци и Неготино во друштво на дополнителниот заменик-министер за земјоделство назначен од опозициската партија – Љупчо Николовски, кој, пак, истакна дека Груевски не сака слободни медиуми, бидејќи, според него, сака да шири лаги, сокривајќи ги криминалот и корупцијата.

-Груевски три дена бега и несака да одговори за отворените постапки против дел од неговите најблиски соработници. Нека не се крие зад своите медиумски курири, платени со милиони евра народни пари, туку да излезе пред граѓаните и да одговори – изјави Николовски.

Партискиот потпретседател, Александар Кирацовски, пак, кој е заменик-министер за информатичко општество и администрација, од Валандово порача дека актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ повеќе не може да ја води државата.

– Ја уништија секоја пора на општественото живеење. Младите ги избркаа од својата држава, а од државата направија дувло на криминалци. Корупцијата цвета, а обичниот граѓанин живее од ден за ден. Мора на сите да им биде јасно дека секој кој сторил криминал ќе одговара и секоја пара украдена од граѓаните ќе им биде вратена кон граѓаните – нагласи Кирацовски.

Поврзани новости