Спасовски: Моето Куманово го ослободиле македонските партизани, ако не си простите не може напред

by fokus

Моето Куманово го ослободиле македонските партизани на 11 Ноември, Македонија е ослободена во борбите на Народнослободителната борба против фашизмот. Ова се факти за кои не треба да дебатираме. Но, ако не си простиме за тоа што се случувало во минатото, не може да одиме напред, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски по контроверзното интервју на премиерот, Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС.

Спасовски не одговори конкретно дали стои зад ставовите на премиерот кои ги изнесе во ова интервју, но од она што го кажа можеше да се заклучи дека му дава поддршка на Заев, откако претходниот претседател на СДСМ, Бранко Црвенковски побара партијата да се огради од сегашниот лидер Заев.

Спасовски е и потпретседател на СДСМ, но на пресот во Владата рече дека зборува како министер за внатрешни работи.

-Многу е важно уште еднаш да се повторат некои факти кои се неспорни, АСНОМ е историска потврда на македонскиот јазик и идентитет и нашата државност почива врз делата на антифашизмот и тоа не било и не смее да биде доведено во прашање, рече Спасовски. Тој го спомена примерот со европските земји кои не си го заборавило минатото, но си простиле.

-Ако не простите за тоа што се случувало, не може да одите напред. Тоа е и заложбата на премиерот да направиме сѐ за изнаоѓање на решенија, такви решенија се изнаоѓаат само преку дијалог, рече Спасовски.

Тој повтори дека никој не преговара, ниту преговарал за македонскиот јазик и идентитет.

Поврзани новости