Спасовски: ЛГБТ лицата заслужуваат еднаков пристап до правда

by fokus

Полицијата своите надлежности не може да ги дели по пол, раса, вера или сексуална ориентација, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во обраќањето на меѓународната конференција „Пристап до правда за ЛГБТ заедницата“ што се одржува во Скопје.

Како што рече Спасовски, пристап до правдата мора да имаат и лицата од ЛГБТ заедницата.

-Пред законите сме сите еднакви. ЛГБТ подеднакво го заслужува соодветното внимание, пред се поради доследоста во почитување на принципите на политичкото постапување – рече министерот.

Според него, годинава не се евидентирани случаи на кривични дела мотивирани од дискриминација по овој основ, но во минатото, рече Спасовски, надлежните органи потфрлиле при откривање и докажување на овие дела.

– Годинава не се евидентирани случаи на кривични дела мотивирани од дискриминација по оваа основа, но тоа не беше случај во блиското минато. И покрај бројните обуки и семинари, се уште не се подигаше ефикасноста во откривањето на таквите случаи како дела на омраза поради недоволно методолошка и оперативна подготовка на надлежните органи – додаде тој.

Министерот потенцираше дека во МВР се спроведуваат континуирани обука на професионалци кои се во контакт со жртвите, а на високо ниво е и соработката со невладините организации.

-Заедно со државата, исто така е важно секој поединец да ги преиспита стереотипите и дискриминацијата по било која основа, вклучително и сексуалната ориентација на жртвите – рече министерот Спасовски.

Поврзани новости