Спасовски кон ВМРО-ДПМНЕ: Нема набавка од која немате украдено, макар биле и спајалици

by fokus

Одговарајќи на нападите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на денешната седница за негова интерпелација, возврати со контранапад кон претходната власт. Тој рече дека бројот на кривични дела е зголемен затоа што многу функционери на ВМРО-ДПМНЕ се изнесени пред лицето на правдата.

-Единствено нешто во што има зголемување се кривичните дела од економски криминал, затоа што нема институција со која не сте раководеле и набавка која не сте ја правеле, макар спајалици, а да немате украдено нешто. Многу ваши градоначалници, директори и функционери се пред лицето на правдата и се зголемува бројот на кривични дела. Така треба да биде. Така ќе биде и сега, ако актуелни функционери прават незаконски постапки ќе одговараат за тоа – рече Спасовски.

Во врска со набавката на возила во МВР, тој додаде дека поранешниот министер Митко Чавков за 700.000 евра набавил 25 возила, со што едно возило ја чинело државата 29.600 евра. Додека под негово раководство МВР набавило 45 исти возила за 1 милион евра, што е по 21.600 евра за возило.

Спасовски одговори и за нападатите за непотизам во Министерството.

-Најмаку по еден имате вработено во МВР сите што седите тука. И вие треба да се скриете, не ви оди во прилог да дискутирате за непотизам – им порача Спасовски на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости