Спасовски: Измени во Законот за државјанство само со заштита на националните и државни интереси

by fokus

Раководството на МВР има отворено процес, се разговара за тоа каде би требало да дојде до измени на Законот за државјанство за да им се овозможи на оние лица кои од сериозно објективни причини не можеле да добијат или пропуштиле некакви рокови во минатото, да можат да остварат право на државјанство на Република Северна Македонија, меѓутоа при тоа сепак да се заштитат националните и државните интереси.

Тоа е ставот на МВР, информира денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и потенцира дека врз основа на тој став се разработуваат можни варијанти на Закон за државјанство. Кога ќе бидат подготвени, нагласи тој, ќе и го соопштиме на јавноста, ќе го доставиме до Владата, а потоа ќе оди во Собранието.

Спасовски истакна дека носењето Закон за државјанство, односно негово предлагање, е исклучиво надлежност на МВР и не може да се очекува дека некој од надвор треба да даде законско решение, а Министерството да се изјасниме за тоа.

Во однос на предложениот законски текст за државјанство од страна на коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, Спасовки нагласи дека тоа е пред се политички памфлет и од него не може да се сфати што сакаат предлагачите и не нудат трајно решение.

– Нас ни треба трајно решение, заштита на државните и национални интереси и заштита на граѓаните кои се тука и треба да го добијат тоа државјанство, а од објективни причини не можеле да го добијат досега, изјави денеска министерот Спасовски, по примопредавањето опрема наменета за потребите на сообраќајна полиција од страна на претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска.

Спасовски ги упати предлагачите на Деловникот на Собранието каде, како што нагласи, многу јасно стои дека за сите законски решенија што ќе бидат предложени од страна на пратеници, што е уставно загарантирано право, се бара мислење од соодветните институции кои се носители на вакви законски решенија и мислење што го утврдува Владата.

Тој посочи дека собранискиот Деловник ја налага потребата во однос на законските решенија да се изјасни институцијата Влада.

– Тука нема кој сакал или не сакал. Ние овде не сме како држава да застапуваме лична волја, застапуваме интереси на граѓаните, оние што не плаќаат и за кои треба да работиме за да ги остваруваат нивните интереси. Тоа дали законско решение е предложено од една, втора, трета партија воопшто не не интересира, нас не интересира државниот интерес, дециден е Спасовски.

Министерот за внатрешни работи уште еднаш повтори дека го разгледале предлогот и кога ќе го предложат законското решение со кое во голема мерка ќе се решат отворените прашања ќе ја информираат јавноста.

Поврзани новости