Спасовски до премиерот: Поништивте и одлуки за зголемување на платите на полицајците

by Фокус

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска испрати писмо до техничкиот премиер Емил Димитриев како реакција на одлуката на Владата да ги поништи сите одлуки кои ги донеле министрите и замениците-министри од редовите на СДСМ. За Спасовски ваквата одлука е незаконска и нелегитимна, бидејќи решенијата не се однесуваат на прашања поврзани со изборите и затоа не е потребна консултација со нивните заменици од ВМРО-ДПМНЕ.

-Во контекст на погоре наведеното, Ве известувам дека со Ваквите незаконски одлуки предизвикавте, несватливи ситуации, кои многу негативно ќе се одразат на нормалното функционирање на Министерството за внатрешни работи. Имено, да биде небулозата поголема, Вие поништивте решенија потпишани од дополнителниот заменик министер г-нот Митко Чавков, решенија потпишани од Директорот на Бирото за јавна безбедност, решенија со кои се зголемувааат платите од 5 на 10 отсто на припадниците на граничната полиција, решенија со кои се продолжува работниот ангажман на вработени во министерството по завршување на породилното отсуство или неплатеното отсуство уредено со закон и слично, се вели во писмото.

Спасовски додава дека со ова не само што ќе се предизвика хаос во правниот систем на Република Македонија, дисфункионалност во Министерството за внатрешни работи, туку и конкретни егзистенцијални проблеми на вработените во Министерството.

-Исто така, како уште еден еклатантен пример на практицирање на самовластие и непочитување на Уставот и законите, го наведувам фактот што намерно и свесно ја дезавуиравте улогата на парламенот и мојата јасно изразена волја за повлекување од функцијата. Имено, врз основа на релевантни проценки дека до овој момент не се создадени услови за фер и демократски избори, на 6 април ви доставив оставка од функцијата министер за внатрешни работи на РМ, која Вие не ја доставивте до Собранието и свесно спречивте истата да биде констатирана, му напиша Спасовски на Димитриев.

Поврзани новости