„Спас за Валандово“ ги собра потписите за распишување референдум

by fokus

Граѓанската иницијатива Спас за Валандово соопшти дека собрала 2213 потписи, доволно за распишување на референдум на локално ниво во Општина Валандово.

„Денеска, во име на сите 2213 потпишани граѓани на Општина Валандово, поднесуваме предлог Барање до Советот на Општина Валандово да донесе Одлука со која ќе распише референдум на локално ниво на кој граѓаните ќе се произнесат дали се ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол” и дали се ЗА или ПРОТИВ изградба на рудници на металични суровини на територија на Општина Валандово сега и во иднина“, изјавуваат од граѓанската иницијатива.

Согласно законските рокови и Статутот на Општината за распишување на референдумот, тие побараа истиот да се оддржи на 09.07.2017 (9ти јули, 2017та година, недела), во најбрз можен рок, но не подоцна од понеделник, 12ти јуни, 2017та година.

Тие бараат во референдумот да стојат 2 прашања и тоа:

-Дали сте ЗА или ПРОТИВ продолжување со работа на рудникот и рударскиот комплекс „Казандол”;

-Дали сте ЗА или ПРОТИВ отварање на рудници и рударски комплекси за металични минерални суровини на територијата на Општина Валандово?

Доколку Градоначалникот на Општина Валандово и Претседателот на Советот и Советот на Општина Валандово ова го одбијат, Спас за Валандово најавува  радикални чекори, од вторник, 13 јуни, како што стои во најавата,  користејќи ги сите демократски облици за изразување незадоволство како секојдневни блокади и протести на крстосница Валандово-Пирава-Марвинци, се додека барањата не бидат исполнети од страна на Советот на Општина Валандово.

Поврзани новости