Советот за безбедност на Македонија спрема ограда за мигрантите

by Фокус

Советот за безбедност на 14 ноември 2015 година одржа седница, која беше свикана од Претседателот Иванов поради безбедносната состојба поврзана со терористичките напади во Париз и предизвиците од мигрантската криза. Во соопштението од Советот се вели ќе се преземат сите потребни мерки за заштита:

„Заклучено е Армијата на Република Македонија и Управувачкиот комитет да ги преземат сите потребни мерки во случај на промена на ситуацијата на теренот, во смисла на можни ограничувања на протокот на мигранти во другите држави во Европа, кон кои тие се упатуваат.

Доколку состојбата со протокот на мигранти добие тренд на намалување во другите земји, Советот за безбедност заклучи АРМ и Управувачкиот комитет, како крајна мерка да може да преземат и поставување на барикада со жица на местата на кои ќе се оцени дека е потребно.

Советот за безбедност ја задолжи АРМ веднаш да ги започне сите подготовки и активности за расчистување и подготовка на теренот за евентуално и можно поставување ограда.

Советот за безбедност потенцира дека поставувањето на оградата не би било во насока на затворање на границата, туку за канализирање и ограничување на протокот, во согласност со бројот на мигранти што ќе го прифатат државите во Европа кон кои тие се упатуваат.

Сепак, ваквиот чекор, кој засега е само можност, би се преземал во крајна нужда, односно само доколку земјите кон кои се упатуваат мигрантите значително го намалат протокот и на тој начин Република Македонија биде доведена во ситуација да се соочи со предизвикот за подолг престој на неконтролирана бројка на мигранти за која нема капацитет и можност да даде хуман третман.“, се вели во соопштението.

Поврзани новости