Советот на јавни обвинители ќе решава за суспензијата на Русковска, но не и за разрешување

by fokus

Шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска се уште не поднела жалба за нејзината суспензија до Советот на јавни обвинители.

Претседателот на Советот, Антонио Јолевски за „Фокус“ вели дека досега до Советот нема стигнато жалба, но сепак Русковска има право да ја поднесе осум дена откако ќе го добие решението за нејзина суспензија.

Откако ќе ја поднесе жалбата, како што најави, Советот има обврска во рок од осум дена да закаже седница и да одлучи дали ќе ја прифати или одбие нејзината жалба, односно дали ќе одлучи Русковска да биде суспендирана од функцијата додека трае дисциплинската постапка што ја иницираше републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.

Иако во сопштението на Јавното обвинителство се вели дека е донесено решение за суспензија додека трае кривичната постапка, сепак Јолевски вели дека тие немаат врска со кривичната постапка што се води против Русковска, туку дисциплинската постапка.

Паралелно со тоа дисциплинска комисија во Јавното обвинителство ќе ја спроведува постапката и ќе утврдува за основаноста на сомневањата за сторена дисциплинска повреда.

Оваа комисија може да донесе одлука да ја ослободи Русковска од одговорност, да и изрече дисциплински мерки или да достави предлог за разрешување до Советот на јавни обвинители.

Дури тогаш Советот на јавни обвинители може да одлучува дали Русковска ќе биде разрешена или не. Засега ќе се носи одлука дали таа ќе биде суспендирана до одлуката на дисциплинската комисија.

Републичкиот јавен обвинител во вторникот донесе Решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и поднесе предлог за поведување на дисциплинска постапка за утврдување на нејзина одговорност и уште две обвинителки за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда при претресот во Финансиската полиција.

Директорот на Финансиската полиција, Арафат Муареми поднесе и кривична пријава против Русковска, а „војната“ меѓу нив почна откако обвинителките влегоа во Финансиската полиција да прават претрес.

По меѓусебните обвинувања и преписки, Русковска беше суспендирана, а Муареми се повлече од функцијата.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости