Советот на етика ја отфрли жалбата од директорката на Детска клиника против новинарката Ирена Мулачка

by Fokus

Неделникот „Фокус“, со текстот насловен „Од што умреле 47 деца на Клиниката за детски болести?“, не ги прекршил етичките и професионални стандарди.

До извршната канцеларија на Советот за етика во медиумите на Македонија, на 25 септември 2020 година, директорката на ЈЗУ Универзитетската болница за детски болести – Скопје, Наташа Алулоска, поднесе жалба за текстот со наслов „Од што умреле 47 деца на Клиниката за детски болести?“, објавен на 24 септември 2020 година, во неделникот „Фокус“, како и скратена верзија од текстот објавена ден претходно на веб-страницата на неделникот
(www.fokus.mk).

Во жалбата се наведува дека текстот е едностран, тенденциозен и невистинит, со кој, како што посочува жалителот, бил нарушен угледот на Клиниката и на медицинскиот персонал. Во прилог на жалбата, од Клиниката за детски болести го доставија и демантот, испратен до „Фокус“, во кој подетално се наведени жалбените наводи. Оттаму велат дека, спротивно на наводите во текстот, Клиниката не оди кон колапс, туку кон унапредување на условите за
работа на здравствените работни и на престојот на пациентите.

„До денес до менаџментот на Клиниката, не стигнало известување дека некој од вработените има план да ја напушти Клиниката од која било причина, напротив имаме вработувања на млади лекари и друг медицински кадар“, се вели во демантот на Клиниката доставен на увид до Советот за етика во медиумите.

Од Клиниката, меѓу другото, ги демантираат и наводите на медиумот дека се зголемува бројот на починати пациенти и тврдат дека нивниот број е намален и посочен во одговорот до редакцијата на „Фокус“. Жалителот забележува дека за случајот со бебето Бисера, како и за обвинувањата од неименувани здравствени работници, кои ја клеветеле установата, медиумот не побарал изјава од Клиниката за детски болести. Со тоа, како што нагласува
жалителот, се создала лажна слика во јавноста за реалните состојби во Клиниката.

ОДГОВОР НА МЕДИУМОТ

Извршната канцеларија на СЕММ, во согласност со членот 14 од Правилникот за работа на Комисијата за жалби, по приемот и разгледување на жалбата, стапи во контакт со неделникот „Фокус“ и побара да се изјасни по однос на наводите на жалбата. Авторот на текстот, Ирена Мулачка, одговори на наводите на жалбата и ги отфрли како неосновани. Таа вели дека во текстот нема тенденциозно известување и дека во него се содржани сите детали и документи за децата кои починале на Клиниката од јануари до средината на септември 2020 година.

Мулачка потенцира дека во содржината точно било наведено колку деца од која болест починале или биле инфицирани за време на лекувањето и дека „Фокус“ контактирал повеќе педијатри, кои ја објасниле лошата атмосфера на клиниката, нарушените меѓучовечки односи и лошата хигиена. Спротивно на наводите на жалителот, таа вели дека медиумот побарал став од Детската клиника и дека текстот ги има сите страни.

„Во самиот текст ја има и втората страна, односно одговорите на Детската клиника во кои потврдуваат дека 43 деца починале на клиниката, но тој податок е до 1 септември, а нашите податоци за 47 деца се до 20 септември. Што значи дека таа ги потврдува нашите информации, освен што во одговорот избегнува да ни објасни за интрахоспиталните инфекции кои децата ги фаќаат додека се лекуваат таму и за сепсата“, вели авторот на оспорениот текст во одговорот на жалбата.

Од „Фокус“, меѓу другото, наведуваат дека, и покрај тоа што во целост ги објавиле одговорите побарани од Клиниката, во наредното издание, во целост, го објавиле и демантот на жалителот, во кој, како што посочува медиумот, не бил демантиран ниту еден податок од содржината.

ОДЛУКА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЖАЛБИ

Комисијата за жалби утврди дека жалбата е НЕОСНОВАНА и едногласно одлучи дека нема прекршување на Кодексот на новинарите на Македонија. Комисијата во оспорениот текст не најде елементи на неточно и нефер известување, пристрасност и неурамнотеженост во информирањето и незастапена втора страна, на кои упатува подносителот на жалбата.

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ НА ОДЛУКАТА

На седницата на 14 октомври 2020 година, членовите на Комисијата за жалби ги разгледаа наводите на жалителот и извршија увид во спорната содржина. Најпрво, заклучија дека не можат и немаат право да ги утврдуваат фактите наведени во неа. Надлежност на Комисијата е единствено да ги утврдува етичките и професионалните стандарди во новинарскиот производ.

Комисијата заклучи дека оспорениот текст на неделникот „Фокус“ е од исклучително висок јавен интерес, зашто работата на здравствените јавни институции, во случајов, на Клиниката за детски болести е легитимна новинарска цел и не смее да биде изземена од прашања за кои јавноста треба да биде информирана. Се работи за обемен и издржан истражувачки новинарски производ, кој е дел од серијал текстови посветен на состојбите и условите на Детската клиника. Изборот на факти обезбедува објективна информација. Содржината е повеќестрана и опфаќа неколку значајни аспекти на темата – од бројот на починати деца и причините за нивната смрт, преку условите и хигиената на Клиниката и опасноста од интерхоспитални инфекции до недостигот на медицински персонал.

Авторот користи повеќе извори на информации, пренесува ставови на анонимни педијатри и медицински лица од Клиниката и исповед на родител, кој зборува за искуствата од лекувањето на неговата ќерка. Новинарот презентира бројки, податоци и статистики, повикувајќи се на документи од Клиниката, како и на официјални информации од
Државниот завод за статистика.

Новинарскиот производ ги содржи сите етички и професионални стандарди, а тежината и сензитивноста на темата го оправдува и критичкиот пристап на новинарот. Авторот, воедно, го испочитувал и основното новинарско правило за „втора страна“, односно побарал и пренел став од директорката на Клиниката за детски болести. Фактот дека неделникот „Фокус“ постапил професионално се потврдува и со тоа што во следниот број целосно е објавен и
демантот од Клиниката за детски болести во однос на изнесените информации. Со тоа, новинарот го заштитил сопствениот интегритет и интегритетот на медиумот во кој работи.

Без да навлегува во оценка на точноста на изнесените бројки и податоци во текстот, Комисијата останува на ставот дека критичкото следење на настаните, а особено на работата на јавните установи се меѓу главните задачи на новинарите, а сѐ со цел да се поттикне јавна дебата на конкретна тема.

Најпосле, според членот 1 од Кодексот на новинарите, новинарот може да објави нешто за кое што нема доволно докази, а за кое има доволно индикатори дека е вистина, односно нешто за што постои основано сомнение. Основано сомнение подразбира презентирање аргументи, кои се разумни и кои се индикатор дека нешто е вистина, без да се има конкретен доказ за вистинитоста.

Одлуката на Комисијата за жалби да ја отфрли претставката како неоснована ја заснова и на ставот дека во текстот на „Фокус“ се испочитувани сите членови од Кодексот на новинарите на Македонија, кои се во корелација со темата што се обработува:

Член 1: „Новинарот има право на слободен пристап до сите извори на информирање што се од јавен интерес. Новинарот треба да објавува точни, проверени информации и нема да прикрива суштински податоци и да фалсификува документи. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку
што е тоа можно“.

Член 3: „Новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, деманти и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата“.

Член 4: Новинарот ќе го назначи изворот на информациите, но ако изворот бара да остане анонимен, новинарот ќе го заштити“.

Член 8: „Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми“.

Во согласност со наведеното, Комисијата одлучи како што е погоре наведено.

Во работата на Комисијата учествуваа членовите Мирче Адамчевски, Сефер Тахири, Мери Јордановска, Теофил Блажевски, Лилјана Пецова – Илиеска и Ердем Ахмет.

Поврзани новости