Сопственикот на „Дурмо турс“: Возачот рекол дека изгубил свест

by fokus

Дурмиш Бељули, сопственик на компанијата Дурмо Турс вели дека е потресен од трагичната несреќа која се случи пред еден ден, во која животот го загубија 14 лица и над 30 се со тешки телесни повреди. Бељули се сомнева дека не станува збор за технички проблем со автобусот туку за здравствени проблеми на возачот. Меѓутоа, сега се очекуваат точните анализи од надлежните институции.

„Сè уште не ни е јасно како се случи ова, немаме зборови за утеха на семејствата за загубата на нивните најмили. Лично не сум разговарал, но одговорниот за возилата разговарал и возачот рекол дека  во моментот кога се случила несреќата изгубил свест и контрола, потоа повторно му било поставено прашањето дали изгубил свест или контрола врз автобусот, а одговорот бил дека тој изгубил свест“, изјави Дурмиш Бељули за ТВ 21.

Бељули е сопственик на станицата за технички преглед каде се врши технички преглед и на автобусите на компанијата Дурмо Турс.

„Автобусот пред еден месец помина на технички преглед со сите процедури и технички контроли и полиси за осигурување. Автобусот според нас бил технички исправен но да не се занимаваме со шпекулации, да оставиме истражните органи да утврдат што се случило и како дошло до несреќата“, изјави Дурмиш Бељули – сопственик на компанијата „Дурмо Турс“

Поврзани новости