Сопругот на уредничката на Канал 5 стана директор во Државна лотарија

by fokus

Ѓорѓи Дамјановски, сопруг  на новонозначената главна уредничка во Канал 5, Маја Дамјановска, стана дел од одборот на директори на Акционерското друштво во стопроцентна сопственост на Владата Државната лотарија на Македонија, објави НОВА ТВ.

Оваа  одлука  предложена од владата е донесена едногласно  од  членовите на Надзорниот одбор на друштвото којшто го бира новиот менаџмент, односно Управниот одбор. Седницата се одржала на 5 септември годинава. Од Управниот одмор на АД Државна лотарија на Македонија разрешени се претходните членови Владимир Бахчовановски, Благородна Дулиќ, Ивана Атанасовска, Надица Антоновска и Соња Цирковска.

Дамјановски до 2009 година воопшто не работи во овие дејности и според извори блиски до семејството, работел во еден скопски салон за продажба на автомобили. Токму ова е годината кога многу телевизиски куќи почнуваат агресивно да се престројуваат на страната на тогаш владејачката политичка партија ВМРО-ДПМНЕ. Причините за ова се многубројни, од спрегите со бизнисмените кои беа истовремено и сопственици на медиуми, до големите пари во вид на владини реклами поради кои претходната влада беше обвинувана за масовно корумирање и контролирање на медиумите со државни пари. Во 2009 нејзиниот сопруг почнува да работи како директор во две компании – ќерки во сопственост на Новоматик Групацијата која поседува десетици објекти за приредување игри на среќа во Македонија.

Дамјановска беше уредник и водител на вестите, нејзиното лице беше дел од мрежата препознатливи уредници и новинари кои ги поддржуваа политиките на минатата власт. Дамјановска имаше и своја емисија на Радио Слободна Македонија каде што свои емисии имаа и професорката Татјана Каракамишева, Миленко Неделковски и многу други новинари од тогаш провладините медиуми, но и експертите кои ги поддржуваа.

Непосредно пред  смената на власта првото дадено интервју за Канал 5 на премиерот Зоран Заев беше токму кај Дамјановска. Таа потоа беше именувана за главен и одговорен уредник на местото на Лидија Богатинова.

Поврзани новости