Сопругот на пратеничка Мирсада е назначен за директор на средно училиште во Гостивар, вели Таравари

by fokus

Сопругот на пратеничката Мирсада Емини-Асани, од ДУИ, е назначен за директор на средното техничко училиште во Гостивар, вели градоначалникот, Арбен Таравари.

„Денеска е 5-ти ден од кампањата за претседателски избори, и “реформскиот“ министер на ДУИ назначува уште еден директор во средното техничко училиште во Гостивар, сега сопругот на пратеничката на ДУИ! Феноменот НЕПОТИЗАМ! Законите не важат за ДУИ!“, напиша Таравари на својот Фејсбук профил, додавајќи за „Фокус“ дека се работи за пратеничката Мирсада, која што, вели, оневозможи да му се одземе имунитет на Вељаноски.

Пратеничката Мирсада беше споменувана во јавноста дека без најава отсуствувала од комисиската расправа во Собрание, каде се одлучуваше за имунитетот на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељановски.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, тогаш обвинуваше дека ја барал на телефон пратеничката, но не успеал да ја добие. Тој тврдеше дека три пати се обидел да ја добие колешката од ДУИ, Мирсада Емини Асани и пратил порака, но дека таа му го спуштила телефонот, а третиот пат кренала и 12 секунди молчела пред да ја прекине врската. Поради нејзиното отсуство, гласовите на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања „за“ и „против“ беа изедначени.

Од Општината денеска повторно реагираа за тоа што на Таравари му беа одземени надлежностите во областа на образованието. Како што рекоа од Општината во последниве три дена сменети се вкупно седум од 16 директори на образовни институции во општината.

Поврзани новости