Сопругот на Натали пресече: И ќерката ќе се вика Натали!

by Fokus
Своевремено едно од најомилените ТВ лица кај нас, поранешната лото и бинго девојка и модел, Наталија Грубовиќ, позната во јавноста како Натали, на својата новородена ќерка и го даде името – Натали. Грубовиќ го роди своето прво дете кон крајот на септември во клиничката болница Аџибадем Систина во Скопје, и вели дека предлогот за името прв го спомнал нејзниот сопруг, бизнисменот Дрен Глушац.

,,Уште кога дознавме дека чекаме ќерка, мојот сопруг без двоумење ми рече како сака да и го дадеме името Натали. Мене идејата првин ми звучеше малку необично, бидејќи и покрај тоа што моето име е Наталија, во јавноста сум позната како Натали, па предложив друго име. Но штом прв пат ја видов мојата ќеркичка, и во тек на првите ден, два, додека сеуште размислувавме за името, и самата го добив чувството дека таа е токму родена Натали, дека името е како создаено за неа’’ – раскажува убавицата.

Додава дека со сопругот живеат во Нови Сад, а решиле да се породи во Скопје, кај нејзниот братучед Др. Слободан Дракулевски, во кого што имала голема доверба. Задоволна е од тоа како поминало породувањето, благодарна е на целиот медицински персонал кој бил дел од нејзиното најубаво патешествие во животот. Вели дека наскоро, штом Натали малку потпорасне, се враќаат во соседна Србија.

,,Овде сум опкружена со моите блиски, многу ми значи нивната помош во овие први месеци околу Натали. Мојот сопруг доаѓа секој викенд, сите сме воодушевени од ќеркичката, пресреќни сме. Максимално сум и посветена и не планирам враќање на малите екрани во скоро време. Сакам да уживам во најубавата улога – мајчинството’’ – раскажува за ,,Фокус’’ Грубовиќ.

,,За прв пат во јавност се појавив на мои 14 години. Тинејџерските денови и младоста ми поминаа во снимања, ревии, емисии… Малку се заситив од рефлекторите, а Натали дојде во вистинското време. Сакам да ги изживеам овие најубави мигови од животот на секоја мајка релаксирано и во целост посветено на мојата ќеркичка’’ – изјави Натали. Вели дека се придржува кон традицијата да не објавува фотографии од малата Натали се додека не поминат 40 дена од нејзиното раѓање, а потоа со гордост ќе ја претставела пред јавноста.

Освен што останува запаметена како една од најубавите лото девојки кај нас, таа имаше и доста солидна кариера како фото модел и во манекенството. Модни критичари во земјава често знаеа да кажат- Не може секој модел да биде Натали, а шоуменот Игор Џамбазов ја овековечи со изреката – Натали, дај му на човекот, за време на извлекувањата на игрите на среќа.

Вики Клинчарова

 

Поврзани новости