Сопругот на Јасмина Мукаетова донираше средства за изградба на парк во Кавадарци!

by Fokus

Во Кавадарци започна изградба на нов зелен парк, а средствата за него во висина од 3.600.000 денари се донација од бизнисменот Трајче Ристов – Зуко, кој е сопруг на Јасмина Мукаетова, и компанијата ,,Кожувчанка”.

Градоначалникот Митко Јанчев за ,,Фокус” ја потврди веста за донацијата за изградбата на паркот. Вели дека Ристов донирал 2.500.000 денари, а пак ,,Кожувчанка” учествува со 1.100.000 денари.

-Новиот парк се гради во склоп на споменикот Киро Крстев и ќе претставува модерна зелена површина со повеќе содржини. Нашиот сограѓанин Трајче Ристов, кој долги години со семејството живее во Америка, даде свој придонес, со цел за убаво Кавадарци – појасни Јанчев.

Ристов, познат помеѓу кавадарчани како Зуко, има свој успешен бизнис во Америка, а е во брак со Јасмина Мукаетова, кавадарчанката која пред околу 15 години беше една од најпопуларните и најангажирани фолк пејачки во земјава.

Во интервју за ,,Фокус” од пред неколку години таа ни изјави дека со синовите и сопругот живеат македонско-американски живот. Ги прославувале и почитувале сите православни празници, но одлично се вклопиле и во тамошниот стил на живот, и ги прифатиле и традициите кои и таму се почитуваат. Тогаш ни откри дека работи во семејна транспортна фирма заедно со сопругот, и како повеќето од нивните вработени се по потекло од Македонија.

Паркот ќе се протега на површина од 3.500 метри квадратни, ќе има интересна фонтана, пристап на лицата со телесен инвалидитет, и многу новитети. Ова е прва изградба на парк во општината по 40 години. Инаку, градот е познат по еден од најстарите паркови ,,Љупчо Шкартов”. Околу тоа кое ќе биде името на новиот парк, се уште не е донесена дефинитивна одлука.

Вики Клинчарова

Поврзани новости