Сопругот на Бонева добил на лото во 2013 година, а со дел од парите купиле стан во Скопје за синот!

by Fokus

Станот во Скопје на синот на поранешната пратеничка од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Силвана Бонева, не бил купен од пари од нејзините патни трошоци ниту пак со криминални пари, тврди таа за ,,Фокус”. Открива дека истиот изнесувал 97.200 евра, а го платиле со средства премијата на лото која ја добил нејзиниот сопруг, со неговата животна заштеда, со пари од осигурителна компанија како надомест за штета за сообраќајка, пари од продажба на наследена нива, како и парична помош од нејзиниот татко.

-Во врска со привремената мерка од 07.03.2018 година, со која се забранува на моите синови, располагање со стан во Скопје, која беше донесена од судот на барање на СЈО, без никакви докази и без да се утврди било каква одговорност, јас во мојот воведен говор кажав: Со изведување на приложените докази – оригиналната документација за изворот на средства за купување на станот од 97.200 евра и вештачењето, судот ќе се увери дека станот не е стекнат со криминални пари, ниту е исплатен од моите патни трошоци. Повеќе од половина од вредноста на станот е платена од наведените извори на средства со утврдено потекло – вели таа.

Додава дека нејзиниот сопруг 40 години играл системи на лото и во 2013 година освоил добивка.

-Иако и во ВМРО и СДСМ знаеја за тоа, Антикорупциска во 2014 година преку УЈП шест месеци водеше постапка за испитување на мојот и имотот на блиските. Ја затвори постапката со решение на УЈП дека нема основ за покренување на било каква постапка, бидејќи се што имаме е законски стекнато. СДСМ преку пресови ја труеше јавноста дека криминално сум го стекнала тоа. Лагите за становите и патните трошоци продолжија да ги сејат во јавноста, со цел да поттикнат омраза и злоба – вели струмичанката.

Сепак, околу тоа која е сумата која на играта на среќа ја освоил нејзиниот сопруг, таа вели дека тој податок не би го споделила со јавност.

-Во изјавата пред судот има што сме купиле со добиените пари, а и документите за износот на добивката се таму. Право на секој добитник на лото е дали ќе сака да ја сподели во јавност сумата што ја добил. Мојот сопруг не сака тоа да го споделува со јавноста – категорична е таа.

Појаснува дека остатокот од вредноста на станот бил исплатен на рати од 2013 до 2017 година.

-Остатокот е исплатен од вкупно остварени приходи во тој период по основ на кредит и нето платите од моите синови, сопругот и мене, без приходите од патните трошоци, што се потврдува од вештачењето и приложените докази – оригиналната документација за изворот на средства за купување на станот- тврди таа.

Додава дека има докази како не престојувала во Скопје, туку секогаш после седниците патувала дома, во Струмица, а тоа можело да се види и според сметките за потрошена електрична енергија и вода.

-Од материјалните докази и вештачењето со кое е направена споредба на сметките за потрошена струја и вода на катот од семејната куќа во Струмица каде што живеам и станот кај што престојуваше сопругот во Скопје, судот ќе се увери дека, затоа што живеам во Струмица, имам потрошено 1.55 пати повеќе електрична енергија на ден од станот каде престојуваше мојот сопруг и 1.24 пати повеќе потрошена електрична енергија на ден од моите родители, кои по цел ден беа дома.

Исто така, судот ќе се увери и дека затоа што живеам во Струмица, имам платено за вода 2.36 пати повеќе средства во однос на станот во Скопје каде престојуваше мојот сопруг. Исто така, од вештачењето и материјалните докази судот ќе се увери, дека дури и кога синовите беа отсутни од семејниот дом во Струмица и од Република Македонија повеќе од половина време од спорниот период од 5 години, јас имам поголема континуирана дневна потрошувачка на електрична енергија и на вода на катот од семејната куќа во која јас живеам во Струмица, во однос на станот во Скопје каде престојуваше сопругот, што дополнително го потврдува фактот дека сум живеела во Струмица- појаснува Бонева.

Додава дека за да дојде на работа, често користела и други возила, освен нејзиното, бидејќи нејзиниот автомобил одреден период бил на поправка, поради поголема сообраќајна незгода која ја доживеала, како и дека повремено не била во состојба самата да вози поради влошена здравствена состојба.

Во септември 2020 година против Силвана Бонева беше поднесен обвинителен акт, во врска со фискалните сметки кои ги приложувала за надомест на патни трошоци. Се работи за периодот од 1-ви јануари 2011 до 16-ти декември 2015 година, кога Бонева беше пратеник во Собранието. Според Обвинителството, таа со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија, што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос.

-Таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања за присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6 458 551 денари – пишуваше во соопштението на Обвинителството.

Бонева тврди дека обвинението против неа е невистинито, и како политичките неистомисленици и измислиле секс скандал и криминали кои не ги направила.

Вики Клинчарова

Поврзани новости