Сопругата на фудбалерот Велинов ја донираше косата : Знам што значи рак, од срце ја дадов косата!

by fokus

Мартина Велинова, сопруга на фудбалерот Стојанче Велинов, ја исече долгата коса со цел да ја донира на жена заболена од рак. Сакајќи да помогне некому кој ја изгубил косата поради хемотерапијата, таа повеќе од пет години не ја потстрижувала косата, ниту пак ја бојадисувала.

Желбата и се исполнила вчера, и косата веќе била испратена во атеље каде ќе почнел процесот на изработка на периката, која потоа ќе и била донирана на жена болна од рак.

-Посакав да донирам коса уште пред повеќе од пет години, кога за прв пат во Бугарија се даде согласност за тој проект. Беа поставени билборди и имаше голема реклама. За да ги запазам стандардите потребни кога се донира коса, не ја бојадисував со години, беше потполно здрава и негувана.

Со долгата коса завршив училиште, универзитет, веридба, свадба, раѓање на ќерката Миа. За првиот роденден на ќерка ми решив дека е време да ја дадам – раскажува Мартина, која по потекло е од Бугарија.

Таа ја исекла долгата коса во фризерски салон во Бугарија, од каде потоа се праќала во специјализирано атеље, а на интернет страницата на истото можело да се види како изгледа готовата перика. Исто така, доколку личноста која што ја добивала периката сакала да стапи во контакт со донаторот, атељето им овозможувало да се запознаат.

-За жал, изработката на периките е спор процес, понекогаш е потребно повеќе лица да донираат коса, за да се направи една перика. Фризерката која што ме потстрижи ми кажа дека и нејзината ќерка исто така донирала коса, а периката се изработила дури по една година. Периките од природна коса се доста скапи, а за жените кои ја изгубиле косата значат многу, па затоа се надевам дека донирањето ќе стане популарно и во Македонија.

Моето семејство добро знае што значи болеста рак, баба ми беше оперирана од рак на дојка, и додека долгата коса на некој начин за здравите жени можеби е знак за суета, за болните тоа е начин на живот. Набргу по започнувањето на хемотерапијата косата започнува да опаѓа, што за болните многу често значи губење на идентитетот и тешко можат да ја прифатат таа промена. Апелирам кој што може да донира, да го стори тоа, навистина многу значи! – тврди Велинова.

Таа додава дека повторно ќе ја остави косата да нарасне, а се надева дека наредното донирање ќе го стори заедно со нејзината ќерка.

Мартина и фудбалерот Стојанче неколку години се во брак. Пред неколку месеци тој требаше да направи трансфер и да замине во Саудиска Арабија, во ФК Наџран, но и покрај тоа што потпишал пред договор и ги средиле сите потребни документи, биле одбиени за виза.

-Многу ме разочара одбивањето за виза на Стојанче, и жал ми е што во Македонија многу нешта не се организирани. Сега тој е на подготовки, а наскоро заминуваме во Косово, каде ќе игра за ФК Трепча 89 – вели Велинова.

Во изминтиве година – две и во Македонија станува популарно донирањето на коса за лица болни од рак. Косата најчесто се испраќа во холандската организација Stichting Haarwensen, каде потоа се изработуваат периките.

Најкусата должина на влакното треба да биде 15 сантиметри, косата не треба да биде бојадисана или пак да се користел бланш на неа. Треба да биде здрава и се сече врзана во опавче или плетенка. Просечно, во рок од една година косата расте околу 18 сантиметри, што значи дека секој може да донира еднаш годишно.

Вики Клинчарова

Поврзани новости