Сопругата на фудбалерот Стојанче Велинов доби македонски документи: ВИЕ СЕ РАДУВАТЕ НА БУГАРСКИ ПАСОШИ, А ЈАС ЌЕ СЛАВАМ ЗА МАКЕДОНСКА ЛИЧНА КАРТА

by fokus

 

Сопругата на познатиот фудбалер Стојанче Велинов од ФК Брегалница, Мартина, која што по потекло е од Бугарија денес ќе приреди голема збава за најблиските, а причината за славењето е тоа што конечно, по долги административни битки, добила македонска лична карта. Таа вели дека сите македонци кои што се жалат дека тешко се доаѓа до бугарски пасош, треба да бидат среќни, бидејќи добивањето на македонски документи било навистина многу потешко и далеку поголем предизвик и процедура исполнета со стресови и неизвесност.

,,Можеби изгледа чудно, толку голема радост поради добивање на македонска лична карта, но кога би знаеле низ што се не поминавме за да дојдам до неа, секако дека ќе ме разберете. Ова беше еден мачен и долготраен процес, бидејќи административните процедури не се исти во Бугарија и Македонија. Поради еден куп на грешки и пропусти од надлежните, бевме принудени да патуваме 1.200 километри во Бугарија, дадовме многу пари за да се исправат грешките, кои што не беа по наша вина, а сето тоа освен пари, секако чини и многу нерви. На крај, личната карта ја добив, сега ќе го чекаме и македонскиот пасош. Овде сум две години, треба да помине уште една, и се надевам дека без проблем ќе го добијам. На македонците кои што се жалат дека многу се чекало за бугарски пасош, ќе им кажам, ако им е за утеха, дека и македонските лични карти не се добиваат така лесно’’ – вели Марина, која што пред да се омажи за Стојанче, во Бугарија работела како модел и била дел од национални избори за убавина. Сега, откако живеат со сопругот во Кочани, професионално се посветила на фитнесот и се подготвува за учество на повеќе фитнес натпревари.

,,Навистина ми падна камен од срцето кога во раце ја зедов личната карта. Знам дека можам да бидам мирна и да се посветам во целост на подготовките за свадбата. А пак кога ќе го добијам и македонскиот пасош, е дури тогаш навистина ќе имаме голема слава. Додека македонците се радуваат на бугарски пасоши, јас ќе правам голема фешта за македонски пасош’’ – вели Мартина.

Таа и Стојанче, кој што пред Брегалница беше дел од ФК Силекс се запознале преку социјалната мрежа Фејсбук, и по шест месеци врска тој ја запроси на стадион, пред натпревар. Неодамна во ,,Фокус’’ им порача на македонките да бидат посамостојни, како што тоа биле жените во Бугарија и да не си дозволат финансиски да зависат од нивните сопрузи, оти тоа бил рецептот за среќен живот.

Вики КЛИНЧАРОВА

Поврзани новости