Солза Грчева со отворено писмо до пратениците: Знаете ли како се чувствува и што мисли овој народ сега?

by fokus

Партијата „Глас за Македонија“, на Солза Грчева, испрати отворено писмо до пратениците во кое ги повикува на совест и свесност пред пристапување кон амандманската расправа за уставните промени.

Писмото го пренесуваме во целост:

„Договорот за Северна Македонија е потпишан по еден процес на преговарање кој беше форсиран, нетранспарентен, нејасен, без поширока јавна расправа, без вклучување на целата политичка и експертска фела, со дозирани информации и финале кое е презентирано по финалето (содржината на договорот беше објавена по неговото потпишување). Самата дискусија за договорот се слеа со референдумската кампања, каде остануваат отворени многу прашања кои беа игнорирани и произволно толкувани, со кулминација на произволноста во толкувањето на самите резултати од референдумот.

Пред да пристапиме во образложување на нашите позиции кои се во контекст на зачувување на нашето уставно име, сакаме да ги нагласиме резултатите од Референдумот. И покрај толкувањето дека повеќето од излезените граѓани на Референдумот гласале ЗА, сепак останува фактот дека тоа е само 33,738% од граѓани со право на глас. Останатите граѓани или гласале ПРОТИВ (во мал процент) или воопшто не сакале да одговараат на таквото прашање кое ќе има последица менување на Уставното име со сите идентитетски, историски, внатрешни и меѓународни консеквенци. Иако може да се дискутира за кој дел од прашањето се согласувале оние што биле ЗА, како и оние што биле ПРОТИВ или не излегле на Референдумот, што не им било прифатливо, фактот е дека граѓаните не се согласија за усвојување на Договорот за Северна Македонија и правно (неиполнување на цензус) и политички.

Самиот Договор за Северна Македонија, кој е билатерален по својот карактер, задира во нашето внатрешно уредување и бара промена на Уставот, што е директно мешање во внатрешните работи на една земја. Истиот договор бара меѓународно валоризирање и покрај фактот дека од повеќето земји сме признаени под Уставното име. Договорот и импликациите од него, се занимаваат, односно задираат и во прашања кои се во сферата на историјата, политикологија, социјалната филозофија, култура, филологија, психологија. Дали ги имате одговорите на сите овие прашања и дали може да ги согледате и претпоставите сите последици од неговата имплементација? Односно:

  • Дали точно знаете што се ќе биде сменето во Уставот? Кога дознавте?
  • Дали фундаментот- Одлуката на АСНОМ за основањето на нашата држава соджана во Преамбулата, може и треба да биде заменет со Повелба и Договор кој е веќе имплементиран, но не е и основачки?
  • Која е тежината и последицата на ваквата промена во однос на структурата на нашата држава? И дали тоа ќе е истата држава?
  • Од кога бинационалноста е изедначена со граѓанскиот концепт? Нели е тоа поблиску до федерализација?
  • Какви се уставни и законски измени ќе следуваат?
  • Дали знаете како ќе бидат именувани Нашите институции? Што тоа политички-правно значи?
  • Кои се политичко-идентитетските значења на промената на државјанството во однос на етносот?
  • Колку ќе чини целата процедура и промена? И колку ќе трае?
  • Кои ќе бидат промените во однос на историските факти? Како ќе се заштитиме од произволност и наметнувања во тој сегмент, кога веќе слушаме за произволни толкувања од другата страна?
  • Зошто на веќе признаен и кодифициран јазик му се става фуснота? Кој тоа се откажува од веќе стекнати и легитимни права?
  • Како ќе се именуваат македонските дијалекти во подрачјата на другата страна, на пример?
  • Што ќе бидат нашите реакции и што ќе се превземе доколку другата страна не го имплементира договорот, а ние ги усвоиме Уставните промени?
  • Како ќе реагираме доколку други земји не ги прифаќаат ваквите промени и се во позиција на моќ тоа да го демонстрираат со вето при влез во одредени организации и прифаќање на договорот во Меѓународни организации?
  • Знаете ли како ќе не перцепираат и каква соработка со нас ќе имаат земјите кои веќе не признале под Уставното име?
  • Колку со прифаќање на ваквиот договор прекршуваме Меѓународни правила и принципи, кога прифаќаме услови кои не се меѓународна норма?
  • Нели ви наликува сето ова на една авантура и експеримент со непредвидлив исход, а за туѓи интереси?
  • Колку од граѓаните се за влез во НАТО воопшто, но и под вакви услови?
  • Колку промената на името е поврзана со реформските зафати на патот кон ЕУ? Дали тоа ни е единствениот услов и дали ни е вистински услов воопшто ваквиот пристап?
  • Што значи прифаќање на ваков договор кога се потклекнува на туѓи барања во однос на нашето самочувствие и самодоверба, нешта што се поврзани со идентитетот и интегритетот?
  • Го знаете ли суштинското значење на идентитет и кај субјектите и кај група, од сите аспекти (психолошки, психодинамски, биолошки, филозофски, социолошки, правно, политички)?
  • Каква е вашата порака до народот кога не ја почитувате неговата волја при демонстирање на несогласност за договорот? Кои се последиците од таквиот однос?
  • Знаете ли како се чувствува и што мисли овој народ сега? Во каква состојба се наоѓа?
  • Колку ќе бидат мотивирани граѓаните кои не се согласуваат со овој договор чиј процент е голем, активно и конструктивно да партиципираат во функционирањето на оваа држава?

Дали ги имате одговорите на овие и уште многу други прашања и потпрашања во врска со самиот Договор, процесот на неговото усвојување, како и неговата имплементација и сите можни последици? Нели ви кажува нешто големиот отпор за негово прифаќање? Нели ви кажува нешто самиот процес на негово прифаќање по секоја цена со целата ерозија на системот?

Посебен апел до пратениците од опозицијата кои гласаа ЗА да си одговорат каде им беа барањата за демократичност и дискусија во изминатиот период? Дали сега откако народот се изјаснил и дал свои смерници за одлуката, треба да се дискутира по Договорот? Каде ви е емпатичноста и пред се одговорноста кон овој народ? Дали да беа други околности ќе постапевте така?

Прашање до албанските пратеници: каде ви е принципиелноста кон нашето менување на името и именувањето, кога на Вас самите ви пречи било кое друго обраќање освен како Албанци?

Прашање до позиционите пратеници: дали да беше носител на овој Договор вашиот опонент ќе ги имавте истите размислувања и кои ќе беа Вашите забелешки?

Веруваме дека меѓу вас има мислечки и длабокоумни луѓе, кои не ги потопил партискиот предзнак, кои ќе се способни дистанцирано од партиските, дневно политичките и можните придобивки на кус рок, да размислат и одговорат на овие прашања, пред да гласаат, активирајќи го целиот свој капацитет и одговорност, како личности со идентитет и интегритет.

Македонија помина и поминува низ многу премрежја, многу дилеми и конфликти. Сите констатиравме дека по осамостојувањето се направени многу грешки, но најзначајно е дека сепак опстојуваме. Нашето опстојување и како држава, и како нација, и како етноси со своја самосвесност, покажува дека имаме капацитети и способности да се одржиме. Овие капацитети и способности со јасно дефинирани цели, ќе ни дадат и резултат во нашиот прогрес и реформирање, во функционирање на нашите институции, во подобрување на квалитетот на нашето живеење во сите сфери. Договорот за Северна Македонија е само една дилема и само еден од можните начини во нашето движење кон поширока Европска интеграција. Но овој начин не е ни единствениот, ни најдобриот, напротив отвара многу дилеми и еродира многу фундаменти. Македонија има уште отворени можности во Меѓународните организации, Македонија има уште незатворени шанси во својата дипломатија да се избори за своите права по исти принципи како и другите држави.

Се надеваме дека секој пратеник поединечно ќе размисли, ќе го анализира Договорот за Северна Македонија во поширок контекст и како само едно од можните решенија, а при тоа ќе постапи одговорно водејќи се од застапување на вистинските македонски национални интереси, штитејќи ги Уставот и законите на Република Македонија, не само како правна норма, туку и како идентитетска норма. Поздрав (почитта треба да ја заслужите!)“, стои во писмото.

Поврзани новости