Солидарност: Оваа власт ги сведува жените на родилки и домаќинки, одземајќи им го правото на избор

by Фокус 11:28
11:28

Без потполна родова еднаквост нема ни демократија ниту социјална правда, е пораката која ја испраќа Левичарското движење „Солидарност“ по повод 8-ми Март Меѓународниот ден на жената.

– Нашето општество е сѐ уште заложник на традиционалните и патријархални механизми на мислење и живеење. Тие играат клучна улога во креирање на политиките, носењето на законите и институционалната пракса, притоа генерирајќи постојана општествена неправда – родова неправда, која го уништува потенцијалот за прогрес на нашето општество, смета „Солидарност“.

- Advertisements -

Оттаму потенцираат дека неправдата и насилството врз жените во Македонија, е искуство кое тие го преживуваат секојдневно во сите аспекти на своето живеење.

– Власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, во последните години упорно воведува нови политики, закони и води кампањи за ре-традиционализација на општеството во Македонија. Наметнувајќи ни го нивниот задрт патријархализам, оваа власт ги сведува жените на родилки и домаќинки, речиси одземајќи им го правото на избор, и активно подривајќи го нивниот личен интегритет преку стигматизација на женската слобода, стои во соопштението на „Солидарност“.

Воедно, се вели понатаму во соопштението, оваа власт придонесува за уште поголема економска неправда врз жените. Нивните законски измени директно влијаат врз нееднаквоста во примањата како и врз правото на користење на боледување.

ЛД Солидарност е против начинот на кој се воведе минималната плата во Македонија, која освен што е најниска во регионот, не важи за текстилната и кожарската индустрија. Токму во секторите во кои во големо мнозинство се вработени жени, власта врши „невидлива“ дискриминација. Фактот што политиките и законските решенија остануваат „родово слепи“ не покажува на нивната неутралност кон родовата социјална неправда во Македонија, туку зборува за скриена заложба за продлабочување на родовата нееднаквост.

Прифаќајќи ги и градејќи на принципите и вредностите на феминистичкото движење и историската борба за слобода и еднаквост, ЛД Солидарност стои со сите оние кои го креваат својот глас во борбата против родовата нерамноправност, сексизмот и мизогинијата.

– Ние активно стоиме против сите видови на неправда во општеството, и токму затоа го славиме историското наследство на женската борба за праведно општество, се вели во пораката која ЛД Солидарност ја упатува до сите граѓани на Македонија на кои им го честита 8-ми Март.

Поврзани новости