Сојузот на средношколци попладне ќе има средба со премиерот Заев

by Fokus

Претставници на Сојузот на средношколци предводени од претседателот Бленди Ходаи денеска во 16 часот ќе бидат примени од премиерот Зоран Заев, откако вчера пратија писмо до Кабинетот на претседателот на Владата со барање за средба за да разговараат за државната матура.

Во писмото до премиерот тие побара средба на која ќе ги изнесат нивните две барања за  модифицирање на државната матура – намалување на бројот на предмети од четири на два и скратени наставни програми.

– Се надеваме дека сте информирани за ситуацијата околу државната матура и преку медиумите и преку официјалните канали на комуникација. Исто така, се надеваме дека средбата ќе се одржи што поскоро, бидејќи времето истекува, што значи дека треба брзо да делуваме за да го решиме прашањето, напиша средношколскиот Сојуз во писмото што вчера го упати до Кабинетот на премиерот.

По 12 дена бојкот, дел од матурантите организирани од Сојузот на средношколци вчера се вратија на настава. Сојузот одлучи да го стави во мирување бојкотот, кој почна со второто полугодие и да почека Парламентот да најде решение откако пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ минатиот понеделник поднесе Предлог-закон за измени и дополнување на Законот за средно образование.

Претседателот на Сојузот, Ходаи изјави дека до крајот на февруари ќе ја следат наставата и ќе чекаат Собранието да го прифати и изгласа нивното барање, а ако тоа не се случи најави дека од 1 март ќе кампуваат пред Министерството за образование и наука.

Поврзани новости