Сојуз на средношколци: Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен!

by Fokus

Лидерот на Сојузот на средношколци Бленди Ходаи  вели дека Сојузот нема донесено одлука за бојкот на наставата и дека организацијата е информирана утрово дека во некои училишта има прекин во наставата како резултат на незадоволство од најавеното воведување на дигитални учебници.

-Гледајќи ги многуте написи по медиумите кои велат дека средношколците организираат бојкот на наставата поради дигитализацијата на учениците, Сојузот на средношколци објаснува дека средношколците не организираат никаков бојкот, туку тоа се одредени групи кои манипулираат со јавноста. Сојузот никогаш не организирал ниту пак повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците.
Најпрвин, мораме да кажеме дека нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува на само на IV одделение, според нашите информации. Само учебниците за IV одделение ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците.
Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен!, вели Ходаи во име на Сојузот на средношколци.

Во текот на ноќта, наставниците од голем број средни училишта преку Вибер и Фејсбук беа информирани од своите ученици дека денеска ќе ја бојкотираат наставата како израз на незадоволство поради најавата дека е изготвен закон за воведување на е-учебници и дека во парламентарна процедура ќе оди со европско знаменце.

Наставниците исто така преку социјалните мрежи за новата ситуација меѓусебно се информираа, а пораки испраќаат и директорите на училиштата. Во голем број училишта директорите закажаа итен состанок на наставничките совети.

Најавите за бојкот доаѓаат при крај на учебната година и во време кога се прават последните подготовки за државната матура и интерните испити.

Инаку, и Бленди Ходаи во име на Сојузот на средношколци неделава оцени дека не е добро во наставата во иднина да се користат само електронски учебници, оценувајќи дека печатените скрипти не можат да бидат замена за вистинските учебници. Тој и нагласи дека не е против дигитализација на наставата, но и дека нема држава каде наставата во целост се одвива со учебници во дигитална форма.

С.Т.

Поврзани новости