„Согласно законот“ Даштевски не кажува кои партии со под пет пратеници ќе добијат од колачот за рекламирање

by fokus

Државната изборна комисија (ДИК) попладнево испрати известување до јавноста за тоа кои партии што не освоиле доволно пратеници за формирање пратеничка група (минимум пет пратеници) ќе добијат дел од времето за платено политичко рекламирање покриено од државата. Нејасно беше дали од овој колач треба да добијат и партиите чии пратеници во моментов се дел од пратеничка група на некоја од големите коалиции.

Според известувањето, и тие партии ќе добијат дел од седумтте отсто кои се предвидени за оваа категорија,  а средствата ќе може да ги користат во општините каде што настапуваат самостојно. Сепак, партиите не се наведени со име.

-Политичките партии застапени во Собранието кои што се дел од пратеничка група и во Собранието не дејствуваат како независни пратеници, а на Локалните избори 2021 година ќе настапуваат самостојно (како политички партии) со свои кандидатски листи, финансиските средства предвидени во член 76-д став (5), ќе можат да ги користат само во конкретната општина каде ќе настапат самостојно, според вкупниот број на запишани избирачи на територијата на соодветната општина каде имаат свои кандидатски листи, додека распределба на тие средства ќе се изврши по претходен писмен договор согласно член 76-д став (5) алинеа 3 од Изборниот законик, гласи известувањето од ДИК.

За да нема забуни, „Фокус“ го контактираше претседателот на ДИК, Александар Даштевски и го прашавме кои партии ќе добијат од ова време за рекламирање. Тој ни посочи дека ДИК објавила известување. Кога му рековме дека во известувањето не се наведени партиите, тој ни одговори:

-Известувањето е напишано во согласност со Законот. Немам што да додадам.

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев утринава во изјава за „Фокус“ најави дека доколку ДИК го прифати упатството на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги и овој дел од колачот го подели на осум политички партии, тие ќе поднесат тужба за злоупотреба на службена положба.

-Левица и ДПА имаат освоено под пет пратеника и во Собранието настапуваат без пратничка група. И БЕСА, ЛДП и ДОМ имаат испратено допис до претседателот на Собранието, Талат Џафери дека не се во коалиција и не се дел од друга пратеничка група. Само овие партии треба да ги поделат парите за рекламирање на партии кои освоиле под пет пратеници. Ама АВМУ во Упатството до ДИК ги додава и ГРОМ, ВМРО-Народна, Демократска партија на Турците и Партија за движење на Турците. Ние ги имаме документите од Собранието во кои јасно се гледа дека пратениците на овие партии се дел од пратеничките групи на колицијата на СДСМ, односно ВМРО-ДПМНЕ, вели Апасиев.

Според Изборниот закон, партиите кои на последните избори не освоиле доволно пратеници за да формираат пратеничка група треба да поделат 30 секунди платено политичко рекламирање во еден час реална програма. Ова се околу седум отсто од вкупниот буџет што ДИК им го дава на сите партии, или 260.000 евра платено политичко рекламирање.

Катерина Смилева Божиновска

Поврзани новости