Сочувство од Пендаровски за загинатите и повредените во земјотресот во Албанија

by Fokus

Длабоко сочувство за жртвите и повредените во земјотресот што рано изутрината ја погоди Албанија изрази претседателот Стево Пендаровски во телефонски разговор со претседателот на Република Албанија, Илир Мета.

Пендаровски, како што информира неговиот кабинет, му понуди поддршка на претседателот Мета, а кабинетот е во постојана координација и преку заедничка синхронизирана активност да им се пружи помош и поддршка на семејствата на загинатите и повредените граѓани на Албанија.

Претседателот Пендаровски, во име на граѓаните на Република Северна Македонија, упати и телеграма со сочувство до претседателот Мета.

-Со длабоко жалење ја примив веста за земјотресот кој предизвика вистинска трагедија во Република Албанија и длабоко жалам за загубените животи и огромните штети од оваа ужасна природна катастрофа. Во овие тажни моменти за Вас, за граѓаните на Вашата земја и семејствата на жртвите, повредените и оние кои останаа без своите домови, дозволете ми, од името на граѓаните на Република Северна Македонија и од мое лично име да Ви упатам изрази на длабоко и искрено сочуство, вели Пендаровски во телеграмата.

Тој е уверен дека хуманоста и солидарноста ќе помогнат во ублажувањето на последиците од, како што вели, оваа голема трагедија.

Поврзани новости