Собраниската расправа за пописот продолжува утре, за ВМРО-ДПМНЕ процесот е скандалозен

by fokus

Пратениците попладнево во рамки на продолжението на 29. седница расправаа за Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година, по скратена постапка. Седницата ќе продолжи утре во 12 часот.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се согласни дека треба попис и се за спроведување попис, но, како што велат, според европски регулативи. Според нив, процесот се води скандалозно, без ВМРО-ДПМНЕ, и нема да даде точни податоци и имаат сомнеж за резултатите од пописот. Прашаа дали ќе се попишуваат државјани на земјава или резиденти, што ќе се случи со двојните државјани, дали ќе се добијат реални податоци и дали тие понатаму ќе се класифицираат, што е целта со податоците што ќе се добијат… Со вака предложениот закон, според нив, му се даваат преголеми овластувања на едно лице, тоа е директорот на Државниот завод за статистика, кој ја пропишува методологијата за пописот.

Сметаат дека за пописот нема национален и општествен консензус и оти поднесените 40 амандмани на опозицијата не биле прифатени од владејачкото мнозинство. Посочија дека поради КОВИД-19 многу поразвиени држави го одложиле пописот, како Германија, Шкотска, Ирска, Србија, Хрватска…

-Овој закон треба да го повлечете ако имате доблест. Да не го злоупотребувате европското знаменце, изјави пратеникот Бојан Стојаноски. Тој повика да се отвори дебата меѓу релевантните ентитети во земјава, да се постигне консензус, а ако тоа не се случи најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се мобилизира и ќе поднесе иницијатива за собирање потписи за поништување на овој Предлог-закон.

Пратеникот Дајанчо Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека пописот е една статистичка операција од која зависи иднината на државата. -Од оваа статистичка операција, која треба да биде статистичка, а не политичка, зависи развојот и на економијата, на образованието, на земјоделството…, истакна Ефтимов, додавајќи дека се се сведува на еден политички договор.

Пратениците, пак, од СДСМ истакнаа дека со овој закон се прави попис, а не се спроведуваат избори и не се прави избирачки список. Прашаа зошто ВМРО-ДПМНЕ во минатото и сега бега од попишување на населението и домаќинствата. Нагласија дека мораме да имаме попис и мораме да знаеме со што располагаме, со кои човечки и други ресурси и во која насока да се креираат идните политики на државата. Според нив, една сложена статистичка операција пратениците од опозицијата на говорница ја претвораат во, како што велат, лакрдија и политичко надмудрување.

Поврзани новости