Собранието расправа за неработна недела без синдикалците

by Fokus

Собраниската Комисија за труд и социјална политика денеска треба да расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во прво читање, со којшто се определува недела како ден на неделен одмор за сите, со одредени исклучоци кај работодавачи во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин на работниот процес.

– Гледно во национален контекст, односите со семејството и пријателите се традиционални вредности коишто треба да се чуваат и развиваат. Дополнително, работникот треба да има време да се занимава со хоби, да спортува и да посетува културни настани, а сето тоа, вклучително и исполнетиот семеен и социјален живот ќе му помогнат на работникот да го канализира оптоварувањето на работното место и да биде попродуктивен, стои во образложението на Предлог законот од Министерството за труд и социјална политика.

За спроведување на овој закон, се потребни дополнителни финансиски средства од државниот Буџет. На годишно ниво за јавниот сектор ќе треба да се издвојат околу 10 милиони евра. За приватниот сктор математиките не се знаат.

Сојузот на синдикатите на Македонија реагираше затоа што не е поканет на седницата за да може во името на работниците да ги пренесе нивните ставови во врска со предложениот законски текст за прогласувањето недела како неработен ден. А токму тоа е нивно барање уште од 2017 година.

На пратениците им укажуваме дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела, според ССМ , треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела.

ССМ уште еднаш укажува дека останува на ставот дека заради спречување на злоупотреби потребно е денот на неделен одмор за исклучоците од став 3 од Предлог Законот за работните односи, да биде денот што му претходи, односно му следи на денот недела односно или саботата пред недела или понеделникот.

– Сметаме дека помошните дејности и придружните работи од ставот (3) алинеи 40 и 41 на членот 2 од Предлог Законот треба да се прецизира точно за кои Работни места ќе станува збор, а ние сметаме дека треба да се однесува единствено на обезбедување и заштита на објектите и одржување на ИТ уредите за непречено извршување на основната дејност на работодавачот и евентуално дополнување за уште едно до две работни места кои ненамерно се пропуштени, се наведува во реакцијата на ССМ.

Поврзани новости