Собранието одлучи: Нема избори на 5-ти јуни

by Фокус

Предвремените парламентарни избори закажани за 5-ти јуни, се одложуваат на неопределено време.

Со 96 гласа „за“  и ниту еден „против“, пратениците во Собранието ги усвоија измените во Изборниот законик, по скратена постапка, со кои се бришат членовите со кои се предвидува одржување на изборите на 5 јуни 2016.  Со измените, предложени од Талат Џафери од ДУИ, не се предвидува нов датум за одржување избори.

Претходно, Собранието ги усвои  условените оставки на министрите на СДСМ, па Митко Чавков и Диме Спасов се вратија на функциите, министри за внатрешни работи и труд и социјала.

Според СДСМ ова е погубно сценарио, бидејќи како што рече пратеникот Горан Сугаревски, на овој начин им се дава шанса на аболирани криминалци повторно да формираат влада.

На седницата имаше и жестока дебата во која мнозинството обвинуваше дека СДСМ се плаши од избори, додека пак опозицијата тврдеше дека конечно и на Груевски му станало јасно дека нема фер и демократски избори.

По завршувањето на седницата, Петре најави дека СДСМ уште утре ќе поднесе иницијатива за автентично толкување на законот за амнестија.

Инаку, седницата беше закажана по одлуката на Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распуштање на Собранието.  Уставните судии, кои постапуваа по иницијативата на ДУИ, истовремено донесоа и времена мерка со која се запираат сите изборни дејствија, како активностите на Државната изборна комисија и веќе почната изборна кампања.