Собранието ќе избира потпретседатели на спикерот Џафери и заменици на генсекот Иванова

by Фокус

Во собранието денеска закажани се продолженијата на три собраниски седници, во чии рамки пратениците ќе расправаат и одлучуваат за неколку законски измени, извештаи на институции, но и за кадровски прашања поврзани со доекипирање на Законодавниот дом.

На дневен ред е предлог-одлуката за избор на потпретседатели на спикерот Талат Џафери од ДУИ, кој предлага да има 5 потпретседатели, поради големиот број на партии застапени во парламентот на страна на парламентарното мнозинство, но и во опозиција.

Од редовите на СДСМ потпретседател ќе биде Фросина Ременски, еден од помалите предизборни коалициски партнери на социјалдемократите, еден од пратениците на постизборниот коалициски партнер – Алијанса за Албанците, а места се предвидени и за БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ, кои најверојатно нема да ги пополнат.

Покрај тоа, на дневен ред е и одлуката за именување на заменици на генералниот секретар на парламентот, според која за заменици на Цветанка Иванова се предлагаат Мики Милковски, Марија Кацарска и Ермира Асани-Салија.

Меѓутоа, Асани-Салија неодамна беше избрана за член на Државната изборна комисија од редовите на БЕСА, која имаше право на член на комисијата како албанска опозициска партија со најмногу пратеници во парламентот.

Затоа, оваа предлог-одлука треба да се повлече и да се поднесе нова, во која повторно ќе се најдат Милковски и Кацарска, кои имаат неколку годишно работно искуство во парламентот како надворешен соработник, односно советник.

Поврзани новости