Собранието ја утна кај Регулаторна, сега има двајца претседатели!?

by fokus

Дејан Бошковски, поранешниот директор на АД ЕЛЕМ кого Собранието непосредно пред да се распушти незаконски го избра за член на Регулаторната комисија за енергетика , според собраниската одлука која ја објавува „Фокус“ излегува дека всушност бил избран за претседател.

Во одлуката пишува дека за претседател и член на регулаторната се именуваат Дејан Бошковски и Енвер Ељмази.

„Фокус“ се обиде да стапи во контакт со актуелниот претседател на Регулаторната комисија за енергетика Димитар Петров, но ни беше речено дека тој не е во канцеларијата и да доставиме писмено барање со нашите прашања.

Петров, откако во Службен весник излезе собраниската одлука, во писмен одговор за 24 Вести вели дека се уште е тој прв човек на оваа комисија:

„Јас сум претседател“, тврди Петров.

На новинарско прашање на 24 Вести дали станува збор за грешка во Службен весник Петров објаснува – „Така пишува во законот точно, меѓутоа во насловот на одлуката е кажано што се избира“, објасни Петров за 24 вести.

Во врска со ова денеска се огласи СДСМ и обвини дека спротивно на Законот за енергетика регулаторната комисија има двајца претседатели, назначени од власта во заминување.

– Покрај постоечкиот претседател, за претседател е именуван и Дејан Бошковски, поранешниот директор на АД ЕЛЕМ. Веројатно како награда од Никола Груевски за неговото неодговорно работење во АД ЕЛЕМ каде што се случи најголемиот грабеж на граѓаните преку нерегуларни тендери и зголемувањето на цената на струјата за 100% – изјави портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.

Регулаторната комисија сега е нерегуларна затоа што именуваниот, според Законот, не смее да биде ниту член а најмалку претседател на Комисијата.

– Согласно законот, за да се биде член на оваа комисија треба најмалку една година да не се извршува раководна функција во УО или ИО на енергетска компанија. Дејан Бошковски беше назначен само неколку дена после неговата оставка од функцијата во АД ЕЛЕМ – појасни Шилегов.

Тој смета дека ваквото „незаконско назначување на партиските војници мора да запре“.

– По 11-ти декември, Македонија ќе биде правна држава, законите ќе се почитуваат и ќе важат за сите подеднакво- порача Шилегов.

Поврзани новости