Собранието изгласа измени на законите за здруженија и за политички партии

by Fokus

Собранието денеска на продолжение на 88-та седница донесе измени и дополнувања на Законот за здруженија и фондации, поднесен од ВМРО-ДПМНЕ, и на Законот за Законот за политички партии, на предлог на СДСМ, по скратена постапка.

За измените на Законот за здруженија и фондации „за“ гласаа 67 пратеници, ниту еден против и воздржани, а ист број пратеници гласаа „за“ и за Законот за полититички партии, без ниту еден против и воздржани.

Во образложение за измените на Законот за здруженија и фондации, пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи рече дека во последните осум месеци сме сведоци за обиди на ревидирање и извитоперување на историските вистини во државата.

-Човештвото се уште носи лузни од геноцидот и етничкото чистење, расизмот, антисемитизмот и ксенофобијата, а меѓународната заедница како и сите ние имаме голема одговорност во спречување на овие зла. Страшната вистина за фашизмот и нацизмот мора сите заедно да ја браниме од оние коишто ја негираат. Мора да ја зајакнеме моралната и политичката посветеност на нашата влада и институциите за да обезбедиме можност идните генерации да ги разберат причините за пандемијата на омраза и лудилото од Втората светска војна, во која Македонија даде повеќе од 25 000 жртви, од кои 7 144 Евреи, рече Мизрахи.

Токму од овие причини, додаде Мизрахи, денеска ќе донесеме мал, навидум незначителен закон, што ќе биде употребен за да го заштити антифашистичкото минато, и историската вистина на нашата земја.

Пратеничката Соња Мирковска од НСДП рече дека во потполност го поддржуваат предлогот на опозицијата за измените на овој закон.

-Како владејачка партија учестувавме во изработката на овој закон за да стане пооперативен и практично го носиме заедно. Сметам дека после се она што се случуваше е исклучително важно да се оградиме од таквите случувања, да не дозволиме да ни се формираат такви здруженија во државата, и ова е начинот како може да се стави браната, рече Мираковска.

Во образложението за измените и дополнувањата на Законот за политички партии, пратеничката од СДСМ Снежана Калевска Ванчева рече дека и двата закона имаат една иста цел.

– Таа цел произлегува и од членот 20 од Уставот, но се надополнува на она што значи предизвици на новите времиња, што придонесуваат да се создаде потребата од ваквите измени, и целта на предлог законот што содржи две одредби е зголемување на транспарентноста и дистанцирање од се она што значи фашизам, нацизам, национал-социјализам и гарантирање на правната сигурност на граѓаните, својствени на една демократска, цивилизирана и правна држава.

Предложените законски измени на двете партии уследија по отворањето бугарски клубови во земјава со имињата „Ванчо Михајлов“ на 16 април во Битола и „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид. Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости