Собранието ги изгласа законските измени, нови мерки во борбата против ковид 19

by Фокус 21:58
21:58

Со 53 гласови „за“ и 26 воздржани, пратениците вечерва ги изгласаа измените и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести. Законот, чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, беше донесен по скратена постапка.

Прифатениот прв амандман во тек на комисиската расправа е поврзан со мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање, кои се предвидува да бидат времени мерки.

Претходно, министерот за здравство Венко Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени на Законот произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и, како што рече, поучени од искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.

-Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очгиледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки – рече Филипче.

Тој наведе дека власта и опозицијата на седницата на Комисијата за здравство постигнале консензус за амандманите и ги усогласиле, а тие се однесуваат на задолжителното носење на лична заштита опрема на лицето, во смисла на маска, шал, марама.

Притоа, носењето маска на отворено ќе има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедницата, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита.

Поврзани новости