Со велопикник на Водно почна одбележувањето на европската недела на мобилност 2018

by fokus

Со велопикник и велоекспо денеска на Средно Водно почна одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018, која има цел за промоција на алтернативните видови транспорт и комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.

Тема на овогодинешната европска недела на мобилност од 16 до 22 септември е „Комбинирај и движи се“, а во неа учествуваат над 2.500 градови од Европа и од светот.

Градоначалникот Петре Шилегов присуствуваше на велопикникот и потпиша пристапница за приклучување на Градот Скопје во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“.

– И оваа година традиционално по 10-ти пат Градот Скопје учествува во Европската недела на мобилноста со голем број настани кои почнувајќи од денеска ќе се одвиваат на различни локации во градот. Водно го одбравме како локација за овој прв настан од причина што досега во изминатиот период направивме најмногу за намалување на бројот на возилата за време на викендите и државните празници. Со воведувањето на бесплатниот автобуски превоз, и на наплатата на паркинзите на Средно Водно и кај Нерези успеавме да го намалиме сообраќајниот метеж, кој се создаваше за време на викендите и на тој начин да ослободиме повеќе простор за спорт и рекреација, изјави Шилегов.

Истовремено, се вели во соооштението од Град Скопје, бројот на продадени карти на жичарата остана непроменет, што, посочуваат, докажува дека на Водно нема помалку посетители во однос на периодот пред воведувањето на овие мерки.

Поврзани новости