Со случајот „Транспортер“ власта ја штити „Tврдината“ на ВМРО ДПМНЕ!?

by fokus

Со постојаните смени во одлуките околу притворите во предметот „Транспортер“ Кривичниот суд остава впечаток како да сака да се покрие предметот „Тврдина“ преку кој практично се докажува нелегалното прислушување од страна на власта. Додека се тактизира со документацијата за градоначалникот на Битола, Владимир Талески, дали го примил решението за притвор или не, дали неговиот адвокат поднел жалба до апелација, дали прво ќе се чека одлуката на повисокиот суд наместо прво Талески да биде притворен дома, а при тоа за цело време се дефокусира јавноста, судот се обидува да го затвори предметот „Тврдина“.

За почеток тоа се прави преку одлуката на судијката за претходна постапка Поп Стефанија со која се одбива предлогот на СЈО за притвор на Горан Грујевски од Петта управа, како главен протагонист за уништувањето на опремата за прислушување за да ги сокрие трагите, но и според СЈО, да заштити некои функционери од УБК и МВР кои го спроведувале прислушувањето. Освен што нема притвор судијката смета дека СЈО е ненадлежно да постапува во предметот.

Таквиот став на судјката е сосема спротивен на одлуката на друг судија за претходна постапка кој, пред претседателот Иванов да ја потпише аболицијата, на Грујевски му одреди притвор кој подоцна беше укинат од Советот на судот. Сега, откако аболицијата е повлечена и откако СЈО одново се обиде да го стави зад решетки човекот кој знае за целата операција, судот игра поинаку, сосема спротивно од претходно. Секако дека оправдувањето на судот е дека секој судија поединец самостојно одлучува, но многу лесно тој судија може да се постави од некого за да одлучува. Особено кога мора да се испочитува нечија наредба.

Сега се очекува одлука од Советот на судот околу притворот. Дали и тие судии ќе се согласат со ставот на судијата за претходна постапка дека нема основи за притвор и дека СЈО не е надлежно да постапува во предметот „Тврдина“ или пак ќе одредат притвор за Грујевски, што секако е тешко веројатно. И додека се прават напори преку судот да се спречи СЈО да продолжи со дејствија во предметот со опремата за прислушување, јавноста се дефокусира со слуачјот „Транспортер“. Со постојаните промени во одлуките се купува време, само за да не се зборува за „Тврдина“.

Прво судија на претходна постапка му го одзеде пасошот на Талески, за потоа Советот на судот да процени дека е неопходен домашен притвор. Сега ќе се чека на апелација да одлучи за мерката. Нејасно останува зошто додека се чека апелација Талески не е во притвор и кој е тој што прави манипулација со решението за домашен притвор? Кога се работи за демонстрантите од Шарена револуција за пет минути се носат во судот, им се одредува мерка и веднаш се спроведува, во случајов судот и надлежните глумат како не можат да го најдат градоначалникот за кого во секое време се знае каде е оти е јавен функционер. Дополнително, власта организира протести во заштита на Талески со цел да обезбеди материјали за провладините медиуми за во јавноста да доминира случајот со Талески, наместо досието „Тврдина“.

Ништо нема да биде изненадување ако судот продолжи да ги менува одлуките и ако и понатаму ја спори надлежноста на СЈО. И тоа, ова со надлежноста и притворите е само почеток, допрва има судот со што да изненадува. Иако за многуте потези ќе има логично законско објаснување, сепак играта не е околу тоа дали некоја одлука е законска, туку кој ја носи и преку кого и дали воопшто е соодветна за ситуацијата?

Љубиша Арсиќ

Поврзани новости