Со секое исечено дрво на Водно, ќе се засадат 10 нови, вели Сугарески

by fokus

Македонски енергетски ресурси (МЕР) изработи предлог на нова траса која, како што рече, во делница од четири километри ќе ја помести линијата на гасоводните цевки, според која значително се намалува оштетувањето високо стеблеста шума.

Ова денеска на дебатата за гасоводот на Водно го соопшти министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

– Со новиот предлог, што подетално ќе го објасни директорот на МЕР, од планираната сеча од 3.000 метри кубни, со новиот план се намалува на околу 1.400 метри кубни, што ќе треба да бидат исечени за изградба на гасоводот. Со новиот предлог широчината на трасата се намалува од 25 метри на 10 до 15 метри и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса, рече Сугарески.

Тој соопшти дека ќе се изврши пет пати повеќе пошумување на поширокото подрачје, каде минува трасата.

– Како компензација на секое исечено дрво да се посадат 10 нови дрвја за да се оформат нови заштитни подрачја на Водно кон Матка. За ова веќе постои договор меѓу МЕР и ЈП „Паркови и зеленило“ со точна утврдена цена за засадување на нови садници. Свесни сме дека со ова има одреден процент поголеми трошоци, но внимаваме на поголема заштита на животната средина, рече Сугарески и додаде дека генерално ова се предлозите на МЕР.

Министерот Сугарески посочи дека надлежност на Министерството за транспорт и врски е дека за секоја промена на трасата потребно е да се направат измени на постоечката планска и проектна документација согласно Законот за градење и Законот за просторно и урбанистичко планирање. Според него, така ќе се запазат сите законски прописи, а граѓанските здруженија активно ќе бидат вклучени во целиот процес.

Тој истакна дека гасификацијата е од огромно значење за земјата и од економски и од еколошки аспект.

– Проектот го наследивме и се обврзавме пред граѓаните дека ќе го реализираме се со цел да овозможиме економски развој на Република Македонија, но не по секоја цена врз животната средина, рече Сугарески.

Активистката Тања Стојановска истакна дека тие не се против гасоводот и тој претставува иднина за државата, но, како што рече, тој минува низ заштитена парк шума.

Според неа, трасата е проблем зошто мора да минува низ Водно и додаде оти имало уште четири други алтернативни решенија.

– Гасоводот е добробит, но не на овој начин, рече Стојановска.

Активистите од „Го сакам Водно“ и преку соопштение денеска порачаа дека учествуваат на дебата во Град Скопје, но дека таа не е тоа што тие го бараат и дека се наоѓаат во инфериорна позиција, бидејќи дебатата се одвива на терен на еден од учесниците на, како што велат, уништувањето на Водно.

– Нашето присуство денеска на терен на градоначалникот, кој всушност ја има издадено дозволата за сеча низ Водно, не е никаква замена за уште едно соочување на национална телевизија, во нормално време кога граѓаните ќе можат да нè следат, и во која ќе учествуваат сите засегнати институции вклучително градоначалникот Шилегов, Макрадули од МЖСПП, кој се согласи за дебата, и ни е чудно што не е денеска овде, истакнуваат од Здружението.
Тие се прашуваат зошто до сега не е прекинат проектот бидејќи за време на средбите во иминативе четири месеци им било признаено дека 95 проценти се во право за заштитата на планината. Порачуваат дека не се откажуваат од целта да го заштитат Водно.

Поврзани новости